Што е тоа што се почесто ја гледаме лошотојата и лицемерието кај луѓето
- Gjorgji Risteski
- Aug 30, 2014
- 4 min read
Незнам да си објаснам самиот на себе, што е тоа што ни се случува, што е тоа што не прави нервозни, што е тоа што се почесто ја гледаме лошотојата и лицемерието кај луѓето.Сите се обидуваат да ја носат убавата маска, да го покажат своето убаво спакувано лице пред јавноста, да го афирмираат својот гламур, демек тие се фаците што го вртат градот, тие се тие кои можат да си дозволат и обезбедување да ги следи и тогаш кога одат до тоалет (внимавам на изразот, бидејќи тие не мочаат, ниту пак пролив ги фаќа, кај нив се е некако специјално), небаре се мали деца, па мора некој да ги чува, да ги пази, недајбоже се се случува.Тогаш кога ќе се доближите до нив, само тогаш ќе сфатите со кого си имате работа...луѓе со лимитирани интелектуални способности, луѓе чиј вокабулар е заокружен во времето кога ја прочитале својата последна лектира во основно, веројатно Волшебното самарче од Ванчо Николески, луѓе без интегритет, без образ, без душа, или попрецизно кажано, со ништото што им останало од душата и човечноста, а и тоа што останало, се распаѓа па б'зди на трулеж, но сето тоа убаво е спакувано во скапи одела, очила без диоптрија (заради интелектуалниот впечаток), научна титула, вештачка насмевка...и добро е тука и така да остане затоа што кога ќе зинат и кажат нешто, сето претходно ќе падне во вода, едноставно, отсуството на содржина во така убаво спакуваното тело, дал господ, па никако не може да се сокрие.
Спомнав дека каде и да одат одат со ротфајлери околу себе, односно одат со лично обезбедување...да им се чуди човек на тоа што треба да се нарече ум, а го немаат. Па кој нормален би посегнал по нив, секако ако немаат сериозна причина...или можеби толку многу се грешни, што се плашат и од сопствената сенка. Веројатно затоа скапо платените ротфајлери ги следат во чекор, дури и тогаш кога тие одат до тоалет.Само една работа не ми е јасна, до кога тоа оние вистински интелектуалци, оние кои размислуваат и на работите гледаат над партиски ќе молчат, до кога ќе се инфериорни пред глупоста на агресивниот џган кој упорно гуши со својата глупост...или во прашање е стравот од бесконечните можности на глупоста која во земјава ни се шири како црна дупка, која може да проголта се, па дури и највредното и најквалитетното од овие простори.
Се сеќава ли некој кога последен пат слушнал дебата на некоја од националните телевизиски куќи...секако не рачунајќи ги ноќните разговори кај Миленко и Јанко. Не, немам ништо против тие и од таков формат ноќни разговори, напротив, мислам дека се добри и покрај тоа што на нив најчесто нема соодветна категорија на соговорник со поинаков став. Намерно ги именувам како ноќни разговори, затоа што не се дебати, не се расправи какви можете да видете на ХТВ, на РТС, па дури и на црногорската телевизија.Имам впечаток дека се што е вредно, чесно, со интегритет, нема шанса, штрчи над нискиот ни просек, па таквите се добри само и единствено за еднократна употреба, се користат само тогаш кога мора нешто сложено и чесно да се сработи, за потоа без причина, без повод, да се пуштаат низ вода, како и никогаш да не постоеле. Дури за нив и не смее да се говори, никој и не смее да ги спомне, ги спомна ли некој некаде во позитивна конотација, ноќта ќе ги изеде, тие веќе нема да се во одбраното и убаво друштво, ќе изгорат заради човештината која ја задржале во себе па макар и во количина на зачин.Многу често се плука и анатемисува едноумието, не гледајќи при тоа дека по секоја цена се инсистира на едноумие. Ќе каже ли некој нешто поинаку од тоа што го кажале актуелните вундеркинди, готов е, ќе биде етикетиран и анатемисан за сите времиња...и не само тој, туку и неговите блиски.Е, тука доаѓаме до прашањето на слободата, слободата е во главата на секој поединец, во правото секој да има сопствен став за секое прашање, па и за незначајните.
Ставот, во принцип се оформува врз основа на личните вредности, домашното воспитување, личното искуство...а во најново време, бар така се чини, клучот за каков било став е само интересот, почнувајќи од тоа што значи личен профит, завршувајќи до можноста некој да биде поблиску до некого, да се добие некаква позиција или нешто слично, а јавниот, општествениот, националниот интерес, како да го нема или како да чека некаде на маргините.Всушност, голем број луѓе чекаат да им биде ставен...ставот, за потоа, ако треба, до смрт ќе го бранат како свој. Токму тука лежи проблемот на робскиот ум, да формално гледано, ако се споредиме со голем број европски земји, ние имаме најмногу медиуми, печатени и електронски, ако тоа е критериумот за слободата на мислата, тогаш да, можат да ни позавидат голем број високо развиени земји, но суштински, нашите медиуми се во вазалски однос кон своите сопственици, па не треба многу, погледнете само кои луѓе се сопственици на медиумите.
Лично сметам дека дел од нив, судејќи според нивниот вокабулар, не може да бидат третирани како интелектуалци, едноставно не заслужуваат, тие освен прости и проширени реченици, гледано од граматички аспект, не се во состојба да напишат сложена реченица, реченица со смисла, со почеток на една мисла, која ќе се развие и ќе има смислен завршеток...но затоа, располагаат со многу пари, со лични возачи, со лично обезбедување, со статус на недопирливи.Има една интересна бугарска изрека, која вели - тоа што не може да се купи за пари, може да се купи со многу пари. Не, немам намера да ја коментирам поговорката во нашиов амбиент, оставам сами да извлечете заклучок, како тоа, просечни умови да поседуваат толкава моќ, тие да го креираат јавното мислење, да имаат и скапи возила со добро платени возачи, да имаат скапо платени телохранители кои љубезно ги спроведуваат до тоалет и ги чуваат додека тие таму на специјален начин вршат нужда...абе избрани од бога, а парите и се што имаат, тие им се од овој народ, од стечајците, од работниците кој се убиваат работејќи од 01. до 31. во месецот, а платата не им стигнува ни до 10. во месецот, од оние кои се ангажирани на црно, од оние на кои не им се плаќаат придонесите за здравствено, инвалидско и пензиско осигурување...еј каде ќе ви оде душата...не дека нешто алудирам на онаа бугарска поговорка, та ние не сме Бугарија.
Да завршам, тука и со такви македонски Merdok фаци се крие креирањето на едноумно општество, а таквите општества не се слободни, но кога тогаш, таквите творби се распаѓаат како кула од карти, ама цената на распаѓањето, по правило, е неподносливо голема.
Komentar