ГУБИТНИЦИ И ДОБИТНИЦИ
- Воислав Зафировски
- Jul 21, 2015
- 3 min read

Ете, се случи и тоа. Се потпиша договор со кој се создадоа, некакви претпоставки за почеток на излезот од политичката криза, во која беше вовлечена Македонија од страна на Владата и партизираните институции кои не само што не успејаа, туку се чини, немаат ни намера да се справат со растечката корупција на сите нивоа, а особено во врвот на власта, не успејаа да ги заштитат човековите слободи и права за кои има Уставни и законски гаранции, не успејаа да создадат амбиент на фер политички натпревар, а со тоа да овозможат и слобода на мислата и говорот, слобода на медиумите...со еден збор, сиот оној збир на вредности што требаше да бидат демократска, цивилизациска придобивка, се распука по сите шавови.
Зад таквиот договор застана и Европската Комисија и САД, тие презедоа обврска да бидат гарант и да вршат мониторинг на неговото спроведување. Сите лидери на политичките партии, потписници на овој договор, во своите обраќања настапија како победници (?!), само се прашувам кој кого победил, кој кого надмудрил...ех, јаден и гладен е овој наш македонски народ со политички лидери со пролупан калибар. Роковите што се содржани во потпишаниот договор почнуваат да течат од септември, со враќањето на опозицијата во парламентот, но суштинските нешта ќе се случуваат во октомври. Министерот за внатрешни работи од опозицијата многу нешто и не може да направи, особено што институцијата е целосно партизирана, нереформирана и апсолутно централизирана. Специјалниот обвинител е единствената шанса нешто повеќе да се стори за Република Македонија...но колку и дали ќе се искористи. Во земјава има Кривичен законик, секој, без разлика кој и на која општествена позиција се наоѓа или наоѓал, мора да сноси кривична одговорност за случаите "Пуч" и "прислушкувани разговори", а сето тоа зачинето со конфискација на противправно или криминално стекнатиот имот. Таа постапка мора да се води транспарентно, третирајќи ги инволвираните, кои и да се, како граѓани на Република Македонија, не како политички авторитети од оваа или онаа партија. Само ваков пристап ќе даде шанса за праведна, правна разрешница, само на овој начин ќе се создадат претпоставки за фер и демократски избори наредната година. Меѓутоа, што се случува во овој меѓупериод, до септември? Владата и премиерот, користејќи ги своите вазалски медиуми, вршат невидена ментална агресија врз граѓаните, секој ден најави за нови инвестиции, субвенции, вработувања, небаре уште малку па ќе имаме недостиг од работна сила, што не е исклучено, имајќи предвид колкав број млади стручни кадри секојдневно ја напуштаат земјава...секако не од убавина или од бес, ниту пак некој во државава се задума и запраша зошто голем број од македонците бараат начин да дојдат до бугарски пасош. Недостатокот на потпишаниот договор е што во него нема обврска за итна смена на директорот на МРТВ и секако на уредувачката политика на јавниот сервис. Ако приватните телевизии легитимно одработуваат за тој што ги плаќа, јавниот сервис мора да биде во функција на објективното информирање, а не во функција на позицијата, чии активности нападно, да не кажам безобразно и агресивно се пренесуваат. Република Македонија е пред сериозен предизвик, ќе смогне сила да се справи со криминалот, корупцијата, местените тендери, прескапо платениот кич од Скопје 2014 (особено фонтаната што не е во функција ?!), повредата на приватноста преку прислушување и следење на телефонските разговори. Во таа смисла, некои тврдат дека се наредени од Владата, што би било срамота, некои други тврдат дека прислушувале кртови, тоа би било уште поголема срамота, а премиерот не убедуваше дека прислушувале странски служби, е дури тогаш е резил, бидејќи тоа упатува на заклучок дека безбедносниот сектор ни го менаџирале неспособни кадри. Како и да е тоа прашање мора конечно да го добие вистинскиот одговор се разбира со казнен епилог. Ако се тргне по овој пат, ќе има надеж за демократијата во Република Македонија, тогаш граѓаните ќе се победници и добитници. Меѓутоа, ако се продолжи како и до сега со фалби, чаталења и чалами, да се убедуваат граѓаните дека само што не почнало мед и млеко да тече во земјава, а истите тие граѓани немаат пари ни сметките за струја и вода да си ги платат, е тогаш навистина ќе порасне оптимизмот - дека нема да не биде...Господ да ни е на помош, победници ќе бидат фамилиите што ни ја кројат капата на сите што останавме во нашата татковина Македонија.
Comentarios