КАДРОВСКИТЕ РЕШЕНИЈА ВО МВР И РЕФОРМИТЕ ВО ПОЛИЦИЈАТА
- Воисолав Зафировски
- Jul 7, 2017
- 6 min read

Долго размислував дали треба да ја отворам темата за реформите во полицијата, не заради нејзината горливост, туку заради луѓето што треба да го понесат товарот на реформите. Знаеме, Лазе Велковски е поставен за директор на Бирото за јавна безбедност, со еден збор, тој е првиот полицаец во Републикава. Како директор на БЈБ, тој има обврска да ја избистри состојбата околу крвавиот четврток од 27. Април, релативно едноставна задача со оглед на тоа што внатрешната контрола коректно си ја заврши својата работа. Меѓутоа, тоа што потоа го чека господинот Велковски, лично сметам дека ниту самиот тој не може да претпостави.
Задачата на директорот не е да се бави со оперативни работи, туку тој е првиот човек што на стратешко ниво треба да ги менаџира и креира полициските политики, во кои приоритет има целосна реорганизација на полицијата; да дефинира цели кои полицијата треба да ги постигне на краток, среден и долг рок; да обезбеди услови, опрема, вооружување и обука за непречено работење на полицијата; да ги дефинира стандардните оперативни постапки, процедури и протоколи за законито работење на полицијата и за заштита на човековите слободи и права; да обезбеди услови за човечно постапување во полициските станици кон задржаните лица; да ги планира потребите од соодветен кадар; да ги планира и да се грижи да се реализираат обуките за полициските службеници особено во сферите каде што полицијата потфрлила; да организира експертски и генерален надзор врз работата на сите Сектори за внатрешни работи (СВР) и Регионалните центри за гранични работи (РЦГР), а притоа тие што ќе го вршат надзорот да немаат никаква наредбодавна улога кон тие што се контролирани, бидејќи тоа е обврска на директорот; и конечно, само по исклучок, онака како што стои во Законот за полиција, тој ќе може да ги користи ресурсите на Централните полициски служби (ЦПС), тогаш кога ќе оцени дека началниците на СВР и РЦГР не се во состојба сами да изменаџираат соодветен безбедносен проблем. При тоа, без исклучок, за кој било ресурси од ЦПС да станува збор, тие ќе се стават на располагање на раководителите на СВР или на РЦГР, во зависност од тоа на чие подрачје е проблемот. Во моментов, како и години наназад исклучокот е правило, а правилото не е применето во ниту еден случај до сега. Така ЦПС се претвори во алатка преку која директорот ги контролира сите СВР и РЦГР, а самиот началник на тие служби го рачунаат за втор човек во Бирото и покрај тоа што нему местото ни од далеку не му е таму во стратешкото ниво, туку во оперативното, заедно со началниците на СВР и РЦГР. Од се до сега што имавме можност да прочитаме или слушнеме од медиумите, се вели дека Лазе Велковски е голем професионалец, дека работел во МВР, СВР Скопје како началник, дека работел во Агенцијата за разузнавање и дека не е партиски туку стручен кадар. Ние што добро го знаеме, знаеме дека функцијата ја има добиено по партиски заслуги, но не знаеме што е тоа што Велковски во својата досегашна импресивна кариера испорачал или кога и со што ја унапредил полициската работа, кога излегол и јавно презентирал свој став, каде и што напишал од сферата на безбедноста?! Има и нешто друго во "импресивното" CV на Велковски, и тоа многу изненадува, отсуството на фактот или само беглото спомнување дека господинот Велковски беше и директор на БЈБ и тоа токму во времето кога на големо се правеа напори за имплементација на Стратегијата за реформи во полицијата, која беше креирана во соработка со Европската комисија, а за која, патем кажано, беа потрошени преку 11 милиони евра, пари од Европската унија. Јас не памтам, а не се сеќаваат ни останатите колеги кои беа во реформскиот тим, кои резултати ги испорача директорот Лазе Велковски во имплементацијата на Стратегијата за реформи во полицијата?! Тие што добро помнат, знаат дека имавме маратонски состаноци на кои се обидувавме да се разубедиме дека нема никаков основ граничната полиција да биде надвор од редовната организација на полицијата; се убедувавме дека нема никакво оправдување за ангажман на 6000 полициски службеници во граничната полиција, бидејќи стандардите на ЕУ кои нам ни беа достапни, дозволуваа ангажман на најмногу 2.700 полициски службеници. Дури во една прилика на жестока дебата, Велковски не можејќи да ја следи дискусијата, нам од групата за реформи во полицијата ни се обрати - абе, вие да не сте забегале малку?! Секако доби соодветен одговор - тоа што вие директоре не можете да го разберете, ние не можеме да ви го објасниме, особено што вие и никогаш не сте ја прочитале Стратегијата! Со еден збор луѓето од калибарот на Велковски кои по заклучок на партиските кадровски комисии се ставаат на одредени функции (како ништо да не е сменето од 1945 до денес), сметаат дека функцијата ним ќе им даде памет, менаџерски способности и вештини...а не обратно, дека тие со својата стручност, компетентност, човечност и професионални вештини треба да ги подигнат стандардите на полициското работење, правната сигурност на граѓаните и заштитата на човековите слободи и права. Поентата на ова писание е во фактот дека Велковски како некогашен директор на БЈБ, еднаш веќе имал прилика да го помогне и поддржи процесот на реформи, но не заради не сакање, не заради неможност тоа да го стори, туку заради отсуство на професионален капацитет, тој не направи никаков исчекор во насока на коректна имплементација на Стратегијата за реформи во полицијата. Од тука, сите што имаа и имаат надежи дека полицијата во догледно време ќе се реформира, дека, како што во една предизборна прилика министерот Спасовски вети департизација на полицијата и враќање на позорникарите и маалските полицајци на терен, морам да ја споделам мојата голема резерва и загриженост за таквата можност...не заради тоа што луѓето не сакаат, или не можат, туку затоа што објективно немаат потенцијал, немаат капацитет тоа да го сторат. В'прочем, тоа е случај со сите партиски кадри што во континуитет го водеа Бирото за јавна безбедност и како Велковски веќе имаа прилика да покажат што и колку знаат и умеат, Цане Чапрагоски, Љупчо Тодоровски, како и Митко Чавков. Тоа се луѓето кои никогаш не ја прочитале Стратегијата за реформи во полицијата, тоа се луѓето што многу повеќе веруваат на кулоарните оговарања и подметнувања, отколку на тоа што е дефинирано и напишано како документ зад кој официјално застанала и Владата на Република Македонија. Токму заради тоа што не читаат, од се што сторија, направија таква рашамонијада, со која наместо да се разграничат стратешките од оперативните и извршните функции во полицијата, наместо да креираат одржлив полициски систем, тие до тој степен ги измешаа и централизираа работите што не можете да кажете дека имаме изграден цврст и одговорен систем на полициско работење. Ако се обидете да ја следите линијата на конкретна одговорност во секоја полициска акција ќе излезе дека сите и никој не е одговорен. Земете го за пример 27. Април и се ќе ви биде јасно. Како што знаеше да каже Ulrich Dugas, човекот што ја направи функционалната анализа на МВР - вие во Македонија имате систем на целосна полициска неодговорност. Дали некој верува во тоа дека Велковски со неговите соработници има капацитет тоа да го поправи?! Лично не сметам, туку знам дека нема, особено што колку што имам прилика да слушнам од колегите, најавил дека целосно ќе го врател системот од пред 2003 година...та белки ЕК ќе ни ги прости оние силни пари за функционалната анализа на нашето министерство; за твининг проектот за реформи во полицијата; за LLIC проектот и ќе дозволи да се вратиме на "системот на целосна колективна неодговорност во полицијата". Јас не сакам да верувам во тоа. Молам Бога да грешам во мојата проценка, но сполај му, до сега, барем кога станувало збор за имплементација на Стратегијата за реформи во полицијата, немам направено превид. Во таа насока, се прашувам и зошто директорот на БЈБ да не се избира на јавен конкурс, од редот на полициски експерти, јавни обвинители, судии, адвокати, професори или други истакнати правници, при што кандидатот би понудил и програма за работа, како што се прави во развиените демократски земји, онаму каде што полицијата е проактивен сервис на граѓаните. Владата нека оцени и нека го избере најдобриот, само тогаш и на таков начин директорот ќе биде без хипотека - поставен заради квалитетот на програмата, а не заради членската книшка на некоја од партиите во позицијата. За самиот крај на оваа колумна, полицијата во Брандербург пред скоро две децении побара помош од австриска аутсорсинг фирма да утврди кои работни места се подложни на експлицитни политички влијанија. Исходот од истражувањето беше дека покрај министерот уште седум работни места експлицитно се изложени на политичко влијание, по што со закон се предвиде можност носителите на тие седум раководни функции, непосредно после изборите да може да бидат разрешени и на тие позиции да бидат поставени други лица. Само како забелешка, меѓу тие седум носители на функциите во министерството не се наоѓа директорот на полицијата! П. С. Авторот изворно е запознаен со состојбите во реформите на полицијата, бидејќи од 2003 година беше дел од Работната група за подготовка на Стратегијата за реформи во полицијата, подоцна беше Тим лидер на македонскиот тим во твининг проектот за нејзина имплементација, а потоа и Проект менаџер на процесот, при чија имплементација најголемиот отпор доаѓаше токму од самиот врв на БЈБ, со исклучок на периодот додека министер за внатрешни работи беше господинот Сиљан Аврамовски, кој лично се инволвираше во реформскиот процес и тоа веднаш се почувствува. Во Скопје, 05. Јули 2017 година EndFragment
Comments