ГРУЕВСКИ ТРЕБА ДА СЕ ОДВАЖИ
- Воисолав Зафировски
- Feb 13, 2017
- 4 min read

Република Македонија се наоѓа во најсериозната криза од нејзиното осамостојување до денес. Кризата не е само политичка, таа е пред се институционална и правна. В'прочем тоа јасно се гледа од Извештајот на Прибе, за кој и тогашниот премиер го прифати како точен и најави формирање на владини тимови со цел да изготват Акциски план со институционални мерки и активности, како и правни механизми за надминување на констатираните состојби.
Апсурд, Извештајот од Прибе имплицира дека вината за состојбите е во првите луѓе во државата, пред се во првиот човек на извршната власт - Груевски, а тој како недораснато дете ветува дека ќе формира работни групи од тие што беа креатори на кризата, дека тие ќе изготват Акциски план за излез од неа?! На сето згора на виделина излегоа снимените разговори од страна на УБК, кои беа насловени како бомби, а и беа морални бомби со кои се разоткри лицето на тие што ни ја водат државата во трите нејзини столбови на власта, а за кои се обвини опозицијата, дека наводно Верушевски со негови соработници го правеле тоа. Апсурд, Верушевски подолго од една деценија не е дел од УБК и не стапнал во МВР. Ако таков човек може да ги снима сите тие разговори, без раководството на МВР и УБК да знаат што им се случува, е повеќе од доволна причина првите луѓе да заминат од политичката сцена и заедно со тогашниот премиер да си го фатат патот кон Идризово, бидејќи тие имаат уставна обврска институционално да обезбедат претпоставки за заштита на основните човекови слободи и права, што повеќе од очигледно не го направија, а ниту се потрудија на граѓаните да објаснат зошто Груевски како недоветно дете се обиде да ја излаже јавноста со приказните за тоа дека бил уценуван и му бил вршен притисок да замине од власта со вистинити, полувистинити, сечени, лепени, монтирани разговори?! Судовите и обвинителството, низ снимените разговори кои јавноста ги слушна, се разголија до перверзија, а обвинителството дополнително падна на испитот на зрелоста, остварувајќи му ја желбата на Груевски, снимените материјали од ПИ мерки против Заев да дозволи да се постираат на јутјуб, со што нивната судско доказна вредност падна во вода. СЈО е конституирано како резултат на Пржинскиот договор на лидерите на тогаш четирите најголеми парламентарни партии. Нешто што никогаш и никаде не се случило во историјата на правото - двајца осомничени за криминал да си избираат специјален јавен обвинител што ќе има мандат да ги истражува сомненијата за сторен криминал кој произлегуваат од снимените разговори. Сега, тоа исто обвинителство и специјалниот јавен обвинител кој беше фален од Груевски, наеднаш е нестручен, тенденциозен и алатка во рацете на опозицијата. Зошто, затоа што покренувало истражни постапки против челниците на ДПМНЕ, требало да има баланс, колку од едните, толку од другите. Апсурд, СЈО има мандат да ги гони случаите на сомневање за криминал што произлегуваат од прислушуваните разговори, а барем од тоа што јавноста го слушна, многу јасно се препознава кој се криминалците, а кои жртвите. ДПМНЕ, која и денес е владеачка партија се однесува како да се во опозиција. Кажува за криминал на Заев, на Шекеринска, на Шилегов... Апсурд, во нејзини раце е целокупната извршна и судска власт (ова за судската власт од слушнатотите снимени разговори) и наместо да излезе со соопштение дека полицијата и обвинителството констатирале криминал, дека заради тоа е покренат обвинителен акт, а судија на претходната постапка им определил притвор, тие ја анимираат јавноста дека наводно спомнатите се сторители на криминал. Така се однесува опозицијата, во немоќ да има влијание на извршната власт и останува да оговара, да клевети, без моќ на јавноста, низ легитимна судска постапка да го докаже тој криминал. Во правото постои материјално и процесно право, постојат правни принципи кои треба да обезбедат владеење на правото подеднакво за сите. Меѓутоа во Република Македонија очигледно е дека нема владеење на правото, а како и да го има кога деца си играат државници, се поистоветуваат со партијата, а партијата си ја поистоветуваат со државата. Правото е наука која не трпи импровизации и дилетантизам, меѓутоа кога правото го толкуваат и практикуваат оние што се поставени на високи функции во извршната власт веднаш по завршувањето на Правниот факултет, без искуство и извештеност, ќе бидеме таму каде што сме денес, без премиер (на Димитриев му е верификуван мандатот за пратеник, а со тоа по Устав, тој не може да извршува функција и премиер на Владата); немаме ефективна ни техничка, ни политичка Влада, бидејќи ист е случајот со министрите во владата чии пратенички мандати се верификувани во Собранието; се носеа неприменливи законски решенија од типот, ако во одреден рок граѓанинот не добие градежна дозвола, ќе се смета дека дозволата ја добил и слични глупости.
Но, да се вратиме на одговорноста. Дефинитивно Груевски треба да се одважи, да си ја признае и прифати целокупната одговорност за состојбите во земјата, да си ги признае и прифати криминалните потези со кои целата партија ја стави во заложништво, а партијата ја поистовети со државата. Одважувањето и признавањето на вината и одговорноста треба да го стори пред се заради самиот себе, јасно, ќе ја разочара мајка му, но ќе ја ослободи партијата од заложништвото во кое ја држи, ќе се убеди себе си, но и останатите дека партијата не смее да се поистоветува со државата и конечно, ќе им даде личен пример за одговорен политичар на сите оние кои во изминатиот период му го билдаа егото, безпоречно исполнувајќи му ги желбите и нарачките, злоупотребувајќи ги ресурсите на институциите ги кршеа човековите слободи и права, направија личен капитал од буџетските средства, со што му помогнаа да го стават во заблуда дека тој е исто што и Луи XIV. В'прочем и затворите се за луѓе и треба да се погледне на вистината во очи, а и самиот Груевски да си признае дека е фатен со симнати гаќи и тој и неговите најблиски соработници, полтрони и мегафони. Ослободете ја партијата од заложништво и дозволете партиите да креираат и водат политики за доброто на граѓаните и државата, со еден збор, дајте шанса на демократијата да ги врати институциите и државата на граѓаните, бидејќи себичноста и стравот од личната вина и одговорност за вкупната криза во државата, може да не одведе во води во кои сите ќе бидеме губитници. EndFragment
Comentários