ЧЕСНО И НЕЧЕСНО
- Gjorgji Risteski
- Mar 7, 2015
- 6 min read
Ќе се обидам да споделам нешто што е многу лично, нешто што како содржина ми оставило силен, неизбришлив белег. Роден сум и живеев во скромна фамилија, татко ми работеше во затворот во Идризово, мајка ми беше домаќинка, но знаеше да шие, така што и таа го помагаше семејниот буџет. Ние бевма четири деца, тројца браќа и сестра ми. Јас бев најмал во фамилијата.
Татко ми беше човек без многу школо, останал сирак без татко на 14 годишна возраст и од тогаш, како највозрасна машка глава во седумчленото семејство, ја презел сета грижа за баба ми, теткитките и чичко ми. Мачниот и тежок живот во пасивните села во Радовишко, бргу му ги открил и покажал разликите меѓу доброто и злото, меѓу чесното и нечесното. Од мал морал да прави дрвен јаглен, да учи како се пече вар...да продава по пазарите во Струмица и Радовиш и на тој начин да го издржува семејството. Во духот на тие вредности татко ми не воспитуваше и нас, не растеше и советуваше се до неговата смрт, на деведесетгодишна возраст, во 2012 година. Во 1947 година, после успешно завршениот полициски курс, бил распореден на работа во затворот Идризово, каде со мајка ми и најстариот брат се доселија, а ние, сестра ми, другиот брат и јас, сме родени во Скопје. Кога бев дете, на моја петгодишна возраст, во близина на населбата во која живеевме, на тогаш главниот пат од Скопје кон Велес, се случи сообраќајна незгода, во која настрадаа холандски туристи. Што точно се случи со нив, стварно незнам. Изминаа десетина дена од тој настан и како вчера да беше, се сеќавам кога татко ми се врати од работа, на масата во дворот забележа еден штрафцигер. Го зема, го разгледа и веднаш не собра, тројцата браќа, сестра ми и мајка ми. Од каде е овој штрафцигер, тој не е наш, како се нашол тука, праша со смирен, но доволно сериозен тон. Средниот брат, кој е седум години повозрасен од мене, многу искрено, детски наивно побрза да каже дека штрафцигерот го нашол кај колата на холанѓаните. Веднаш го прострели со сериозен поглед, укорлив поглед кој повеќе боли од која било физичка казна...слушајте деца, таму, кај колата, можеби двајцата сопатници животот го загубиле, сега нема никој тој крш да го тргне од патот, но не сакам да видам каков било предмет од таму во нашава куќа. Тие луѓе се унесреќиле и било што од таму, колку и да е вредно, колку и да ни е потребно, не само нам, никому нема да му донесе среќа, туку напротив. Затоа деца мои, ова што ви го кажав не сакам никогаш повеќе да ви го повторам, а ти синко мој, земи го веднаш овој штрафцигер и да го вратиш таму од каде што си го земал...и пак ќе повторам, никогаш повеќе да не ви се случи, нешто што не е од нас спечалено, да ми донесете дома. Јас ниому од вас нема да дозволам да гради сопствена среќа врз несреќата на некој друг. Земај го ова и враќај го таму од каде што си го земал, повтори со остар, заповеднички глас. Првата лекција за добро и зло, за чесно и нечесно ја научив тогаш, низ целиот живот клучната водилка ми беше таа, тоа што чесно не си го спечалил, може да ти донесе само зло. Браќата, сестра ми и јас си ја најдовме нашата среќа и со неа тргнавме во животот. Во животов работев посветено и секоја работа се трудев да ја извршувам чесно, согласно човечките и професионални принципи. Извршував високи општествени функции, но никогаш не се врзував за луѓе, туку за принципи и веројатно тоа е причината што не материјално богатство, едноставно очекувањата ми беа скромни, толкави колку што ми овозможуваше платата. Многумина кои во животот не беа ни блиску до функциите што јас ги извршував, создадоа многу пари, направија бизниси и бизнис релации кои не се примерни за лица вработени во извршната власт. Некои и заглавија во затвор, но кога ќе излезат од таму, имаат доволно за себе, за своите деца и своите внуци. Не, не ми е криво, не дека во животот не сум правел грешки, тоа не, сум грешел, но секогаш одлуките сум ги донесувал самостојно, со чиста совест и најдобра намера, раководејќи се од човечките и професионални принципи. Секогаш кога не сум можел да помогнам некому, не сум одмогнувал, токму затоа не се каам ама баш за ништо. Последниве случувања во општествениот, политичкиот и економскиот живот во земјава, ме натера да размислувам за тоа кои се овие луѓе што не водат, дали имале некој во животот да им ја каже првата лекција за чесност и нечесност; како може лица со плата на државни службеници да имаат по неколку станови, бесни возила, цели фамилии да членуваат во Управни одбори, Комисии, и каде уште не, се исплатуваат огромни пари, демек станува збор за експерти без кои се ќе застане; во јавноста се говори дека некој своите милијарда евра ги крунисал со голема фешта во Дубаи, секако со одбраното му друштво; од друга страна или тие ни засегаат во приватноста или заради нивната неспособност тоа ни го прави некој друг, а тие ни срам ни перде, каде се збогатија на наш грб, уште не прават недоветни, демек се грижеле за народот. Еј, каде ви е совеста, не ли ви текнува дека треба да си одите, не само од државните туку и од партиските функции, затоа што ја држете во заложништво цела партија, а во неа, убеден сум има и подобри луѓе, чесни и одговорни, за кога ќе дојдат на позициите што сега вие ги држете, да бидат поуспешни од вас; се мобилизираат оние така наречени јадни аналитичари од типот на А. П. и некакви интелектуалци што ќе замаглуваат и искривоколчуваат, нешто што секому е јасно и очигледно; ќе формираат разни здруженија кои ќе не спасуваат, а опашките ќе им растат, ќе се множат и никогаш нема да можат да ги сокријат...да така ќе биде додека не дојде до смена на власта. Само и тогаш не дека ќе се смени нешто, не, само власниците на државата, ќе си ги сменат местата, наместо фамилиите на едните, ќе се наместат фамилиите на другите, а за стручноста, чесноста, посветеноста, тоа нема врска. Нема да дојдат луѓе со интегритет, што во работата се врзуваат со почитување на принципите на човечност и професионалност...туку ќе дојдат луѓе што се врзуваат за властодржците, без разлика што најзначајната работа пред тоа што ја вршеле, било лепење плакати со ликовите на партиските вождови. Се додека е така, нема збор ни за демократија, ни за слобода, ниту за институции. Ќе се множат кланови со сина крв добро етаблирани во системот уште од времето на социјализмот, ќе се осиромашуваат граѓаните, а од општествените вредности дефинитивно ќе се избришат поимите чесност, професионалност, стручност и доброчинителство. Успешноста на елитата ќе се мери по испраните пари по единица за време. Ајде бре нечесни, ајде да ве нема од општествениот живот, одете си, вие сте лоши луѓе, едноставно толку многу сте лоши, што самите себе не се поднесувате, ви ги слушаме разговорите, кога сами кон себе сте толку лицемерни, кога секој за секого има лош збор, а токму вие сте тајфата што ни ја води државата, што има од вас да очекуваат граѓаните на оваа напатена земја. Веројатно убаво спакувани ветувања, а од тендерите за нивна реализација...е од нив, ќе се опарат избраните, оние со сина крв. Само за потсетување, во законодавниот дом, верувам јавноста се сеќава, нашите избрани пратеници од позицијата и опозицијата се надвикуваа дека едните немаат право да обвинуваат дека другите краделе, затоа што и тие кога биле на власт го правеле истото...и што да каже човек, бреј, олош до олош, тогаш на здравје народе, бричење со кратко потстрижување. Веројатно на чесните, барем тие што останале такви, не им преостанува ништо друго освен да ги гледаат оние другите како ни ја кројат капата. Од ден на ден сум се поголем оптимист...дека нема да не биде. Ех, кутриот мој напатен татко, не воспита, не израсна, како што вели нашиот народ со крстот на чело, ние пак така ги воспитавме нашите деца, поинаку и не знаевме, но уште од сега едно сигурно знам, ако останат тука, а во државата не се случат сериозни промени, цел живот ќе патат и ќе се прашуваат каде и кој згрешил, тие, ние или можеби ти мој покоен татко?!
Comments