ПОЖАРИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА
- Воисолав Зафировски
- Aug 14, 2017
- 4 min read

Сведоци сме на исклучително високи летни температури, велат афрички топол бран, нешто што се случувало и во минатите години, но не вака.
Тоа што секоја година е вака се пожарите во овој период од годината, пожари кои го проголтуваат дрвното богатство на Република Македонија, кое не е само дрво, тоа се живи организми кои продуцираат кислород, кои ја заштитуваат животната средина од аеро загадувања, но и од ерозија, осиромашување на почвата и конечно од поројните непредвидливи поплави што умеат да предизвикаат сериозна материјална штета и загуба на човечки животи. Исто така, пожарите се опасност и за останатиот животински свет во шумите, што може сериозно да го наруши биолошкиот диверзитет.
Меѓутоа тоа што со години е неодговорено е прашањето за тоа зошто шумите горат во Јули и Август, а не во Мај кога најголем број граѓани за празникот на трудот масовно палат оган на отворено?!
Одговорот се крие во човечкиот фактор, но пред се во безправната сеча и крадење на огревно дрво, што претставува поврзан, затворен систем во кој се вклучени шумари, шумската полиција, полицијата, како и правни лица - приватни пилани и стоваришта за огревно дрво.
Сите се меѓусебно поврзани и системот безпрекорно функционира, од информирање за тоа кој дел од шумата нема да биде покриен со шумска полиција, до повлекување на полициските патроли од шумските патишта преку кои се транспортира краденото дрво или дел од колачот се дава на полициските патроли, се до пласманот на тие дрва по цени кои се пониски од тие кои се нудат на легалниот пазар.
Со пожарите најнапред се покриваат и правдаат диво сечените кории, а потоа се обезбедува багателен откуп од физички или правни лица на опожарените стебла.
Ќар до грло за инволвираните во системот во кој има и раководни лица од шумската полиција и полицијата, за кои се шпекулира дека од еден камион украдени дрва земаат од 50 до 100 евра, а дневно, според информациите што ги имам од инсајдери, може да поминат меѓу 10 и 20 камиони само од едно подрачје.
Да, ќар до грло, но зијан преку глава. За личниот финансиски интерес на поединци од системот, се уништува шума стара половина или цел век, со несогледливи последици по сиот животински свет, вклучувајќи го и човекот и неговата животна средина.
Неверојатно е полицијата ова да не го знае, го знае, но заради интересот на некои повисоки старешини, инсајдерите од шумската полиција и од полицијата со страв ги кажуваат состојбите стравувајќи за својата работа, за сопствената егзистенција, за егзистенцијата на нивните семејства.
Затоа многу несериозно звучат официјалните изјави на званичниците и нивните сомнежи дека дел од пожарите се подметнати...не дел, туку сите се подметнати и тоа намерно, па и самата одлука на Владата да се забрани прометот на опожарени дрва со физички лица е нецелисходна, бидејќи во тој бизнис длабоко пенетрирале и правни лица, пилани, стоваришта за огревно дрво и сл. Во оваа работа системот систематски е граден со години наназад, така што денес тој е етаблиран и функционира по сите линии, а званичниците се прават недоветни или стварно не го разбираат проблемот и тежината на црните, горени неоданочени пари, украдени од трезорот граден за сегашните и идните генерации.
Пожарите без сомнение се подметнати, но тие што треба да ги откријат, тоа да го документираат и пред лицето на правдата да ги изведат подметнувачите, никогаш нема тоа да го сторат, затоа што дел од нив непосредно, а друг дел посредно се инволвирани во тој затворен систем на печалење црни пари.
Инаку, како може да се објасни фактот што во месец Мај, кога граѓаните масовно распалуваат скари и огнови на отворено нема шумски пожари, како се случуваат пожари во Јули и Август, а граѓаните во тој период не така често престојуваат во шумите и не така често палат огнови на отворено.
Заклучокот е еден и единствен, пожарите во Република Македонија се подметнати и тоа со години наназад претставува систем на богатење со црни со горени пари на раководни и вработени лица во надлежните институции задолжени за заштита на шумите и шумското богатство, заради што и не може да се лоцираат виновниците за нив.

Република Македонија е една од ретките земји која покрена иницијатива за пошумување на голините, два пати во годината имаме ден на дрвото, при што се засадуваат милиони садници...но до денес не сум слушнал податок за тоа колку од тие садници се зафатени, колкави површини реално се под млад насад од тие садници, а сакам да знам.
Инаку внатрешната контрола на МВР, да изврши увид во наредбите за патролна служба на полициските службеници, веднаш ќе ги открие инволвираните, бидејќи ретко кога има полициски патроли и контрола на шумските патишта и наместо да ги имаат нив под контрола, полициските патроли се ангажираат на места и им се делат задачи кои немаат реална врска со какви било безбедносни закани.
За крај на оваа колумна, сосема сум согласен и го поддржувам предлогот на еден од моите соговорници, на подметнувачите на пожарите, како и сите кои се инволвирани во системот на правење црни - горени пари, да им се изрекува казна затвор онолку години колку што е потребно да се подигне нова шума до староста на опожарената.
Comments