МАКЕДОНИЈА ВО СЛОБОДЕН ПАД
- Воисолав Зафировски
- Jan 30, 2017
- 4 min read

StartFragmentМакедонија во слободен пад според перцепцијата на корупцијата, до кога?! EndFragment
StartFragmentРепублика Македонија со потпишувањето на Конвенцијата на Обединетите нации за борба против корупцијата - UNCAC, согласно обврските кои произлегуваат од неа, формира Државна комисија за спречување на корупцијата.Основната задача на Комисијата е да креира краткорочни, среднорочни и долгорочни превентивни политики со кои ќе се стесни просторот за корупција во републиката, ќе се воспостават соодветни механизми на контрола на движењето на парите, јавните набавки, имотот и имотната состојба на избраните и именувани лица во законодавната, извршната и судската власт, на централно и на оние избрани и именувани лица кои извршуваат јавни функции во локалната самоуправа. За таа цел ДКСК донесува Државна програма за спречување на корупцијата која е обврзувачка за сите институции од законодавната, извршната и судската власт на сите нивоа. Покрај оваа основна задача, Комисијата согласно позитивните законски решенија, нема оперативни капацитети да води истраги, но има надлежност да покренува прекршочни и кривични постапки во сите случаи кога ќе оцени дека во конкретен случај има основи на сомнение дека е сторен прекршок или кривично дело од корпусот на коруптивни казниви дела.Стартот и работата на ДКСК беше следен со голем број контраверзи, од избор на лица кои истовремено извршуваа функции на кои владата ги именува; отворен судир со Јавното обвинителство; професионализација на комисијата; нетранспарентност во работењето, се до именување на нејзини членови и поставување на нејзини претседатели кои отворено ја финансирале кампањата на партијата на власт и одработуваат за неа.Сепак, во првите десетина години од постоењето на ДКСК, Република Македонија напредуваше на глобалната листа на Транспаренси, за перцепцијата на корупцијата, се најде на 62 - ро, водечко место, пред земјите од опкружувањето и поширокиот регион, изземајќи ја Словенија, а клучот на прогресот беше што се работеше транспарентно и отчетно.Од 2011 година, Република Македонија почна полека да паѓа на таа листа, за во извештајот за минатата 2016 година да се најде во слободен пад и зад нас, од земјите од опкружувањето и регионот, да биде само Косово.Поразително! Но дали е проблемот само во ДКСК? Сигурно дека ДКСК има сериозна вина за моменталната состојба заради нејзиното нетранспарентно, неотчетно и дилетантско работење (потсетете се на пресот на Миленков во врска со имотниот лист на Груевски), но Комисијата не е единствениот виновник за слободниот пад на листата.

Одговорноста се крие пред се во Собранието и Владата на Република Македонија, во институциите на законодавната, извршната и судската власт.Борбата против корупцијата не е ексклузивна обврска на ДКСК, таа е обврска на сите, а особено на полицијата, регулаторните тела, ревизорските куќи, јавното обвинителство и секако судовите. Ако се погледнат поднесените кривични пријави од ДКСК против избрани или именувани лица од централната или локалната власт, ќе може да се констатира дека најголем број од нив произлегуваат од незаконитости и сомнежи за корупција констатирани со ревизорски извештаи, поткрепени со материјални докази, но обвинителството тие предмети ги чува и со години ништо не презема, не затоа што не може, туку затоа што не смее, бидејќи корупцијата е спирала која ако почне да се следи оди до највисоките структури во власта. Секако, тие што се поставени од власта, и да сакаат, не смеат заради сопствениот интерес и кариера да се замерат со оние кои имаат моќ со еден телефонски разговор да ги разрешат или да ги решат.Непосредно по објавувањето на најновата листа за перцепција на корупцијата, имав можност на телевизиите да видам една плавушанка, ако не се лажам беше пратеничка во претходниот состав на Собранието, која онака полна со себе, за слободниот пад го обвини екс техничкиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, бидејќи, како што кажа, за цело време на неговото раководење со МВР, не презел и не реализирал ниту една акција за борба против организираниот криминал и корупцијата. И во право е...но не само Спасовски, туку сите министри пред него, никој не презел и не реализирал никаква акција против организираниот криминал и корупцијата, никој, а никој нема ни да преземе. Разбирливо, секој неупатен ќе се запраша зошто, а одговорот е едноставен - затоа што министерот за внатрешни работи е политичка фигура, која согласно Законот за организација на органите на државната управа предлага, а Владата именува директор на Бирото за јавна безбедност, а тој, директорот е тој што раководи со полицијата и тој е тој што ги планира, спроведува и реализира, меѓу другото и акциите против организираниот криминал и корупцијата. Во конкретниот случај имавме технички министер, кој беше лимитиран во водењето на кадровската политика, особено не во делот на предлагањето и именувањето на директорот, така што во тој поглед виновни се креаторите на Пржинскиот договор.

За крај, наместо топката да се префрла од едни на други, треба убаво да се препрочита извештајот од д-р Рајнхард Прибе, да се исчистат и проветрат институциите од партискиот смрдеж, особено МВР, регулаторните тела, обвинителството и судовите. Тоа е единствената надеж и единствениот пат Република Македонија да застане во слободниот пад, да се смени не само перцепцијата, туку фактичката состојба со корупцијата, да стане нормална, слободна, демократска држава која граѓаните ќе ја имаат во свое владение. Се до тогаш како граѓани на оваа држава ќе пропаѓаме во амбис без дно, се повеќе ќе се оддалечуваме од евро-атланските интеграции, а државата ќе ни остане црна дупка во демократскиот свет.
Comments