ОД ЧИЈА ГЛАВА ЌЕ СЕ СКРШИ СТАПОТ?!
- Воисолав Зафировски
- Feb 14, 2017
- 3 min read

Се згрозив од плакатот на УМС на ВМРО ДПМНЕ, на кој е Фотографија од скулптурата на Андон Ќосето поставена пред судската палата, со напишана заканувачка порака - НЕКАДЕ СО ДОБРО, А НЕКАДЕ СО НОЖ. Кому е упатена оваа порака?! Ова е закана?! Кому тоа некому му текнало да креира филозофија од деветнаесетиот век?! Зошто раководството на ВМРО ДПМНЕ, не се огради и не ги осуди таквите фашистички закани, или токму тоа стои зад нив?! Прашања многу, но во отсуство на каква било реакција од кого било, останува само да нагаѓаме што сето тоа значи. До неодамна, додека бев присутен на фб, многу често среќавав пост - ДОЛГА Е РАКАТА НА ВМРО. Секој нормален, ваквиот пост исто така ќе го толкува како закана...или чекајте, можеби е само излив на признание дека водството на ВМРО ДПМНЕ има долга рака, па го искраде македонскиот народ, а младите, барем оние што не размислуваат како нив "ги напади" од државата. Ако е ова второто во прашање, тогаш пеќи, се согласувам, во право се. Но, ако тој пост и плакатов на УМС на ВМРО ДПМНЕ од Бутел е тоа што сите мои соговорници го толкуваат како закана, срамно, безобразно и безобѕирно е што Груевски како лидер на партијата не се огради и не ги осуди таквите закани. Сепак, лично се сомневам дека Груевски ќе излезе со оградување и осуда на таквите, се почести закани. В'прочем тој што ја втурна земјата во најголемата правна, институционална и политичка криза, тој што себе си се поистоветува со партијата, се поистоветува и со државата, тој што граѓаните ги подели по сите линии, ќе стори се, дури по цена на остварување на јавно истакнатите закани, да ја зачува сопствената позиција. Имајќи предвид дека јавноста имаше можност да ги слушни неговите државнички разговори, да ги слушне методите на водење на државата и решавањето на проблемите од една и работењето на СЈО од друга страна, тешко ќе успее во таа намера. Сепак, една друга работа ме загрижува, оние од Обвинителството на Зврлевски комотно ги гледаат и ги слушаат овие закани и мува не ги лази, со прст не мрдаат. Институциите од типот на МВР и УБК исто така, а нивните челници се заколнати припадници на ДПМНЕ, партија во чие име стои дека е пред се демократска, а не олицетворение на егзекуторот Андон Ќосето. Граѓаните кои различно размислуваат од џганот што комотно се заканува без институционални последици по нив, веќе им е преку глава од такви гадости, веќе никому не му се плашат, особено не на некои зевзеци што се родиле во дваесетиот, живеат во дваесетипрвиот, а со акалот останале во деветнаесетиот век, та се идентификуваат со колачот Андон Ќосето...бреј силни некои клинци. Со оваа колумна сакам да прашам кои врапци ги плашете бре џгану расипан, подобро е на време да се свестите, бидејќи стапот секогаш има два краја, меѓутоа, дај боже стапот да не заигра, затоа што тогаш сите ќе бидеме губитници, без разлика од чија глава тој ќе се скрши. После вакви експлицитни закани, на потег се Груевски и Зврлевски, едниот да се огради и да ги осуди, а другиот малку да ги размрда обвинителите за да се покрене институционална постапка за санкционирање на јунаците кои сексуално се возбудуваат и палат на ликот и делото на Ќосето. Сепак, како господ ги дал, тешко дека нешто такво ќе се случи...само се сомневам дека стапот може токму од нивната глава ќе се сокрши, секако ако се случи овие закани да почнат да се реализираат.
Comments