КАДЕ Е КОРМИЛАРОТ?
- Воислав Зафировски
- May 12, 2015
- 4 min read
Што се случува во Македонија?! Дали Македонија е брод без кормилар?!
Имаме актуелна власт која наместо да се соочи со сопствената политичка одговорност и да бара соодветно решение за длабоката политичка криза на која и кумуваше, организира митинзи низ државата, фалејќи се со тоа што направиле и постигнале; со замена на тезите и со манипулирање на јавноста, а злоупотребувајќи го јавното обвинителство и останатите државни институции, кажува дека опозицијата сака на сила да дојдат на власт, нешто во што освен оние ликови од ГДОМ никој нормален не верува.
Секому е јасно дека власта се добива на избори, но фер и демократски избори, не со човечиња и фантомски креатуру што се влечат за уши и од дома се носат на гласање. Не со закани, не со уцени, не со расипување на лифтови, не со собирање рекет во законскиот рок (?!), не со инспекции и санкционирање...
И покрај тоа што премиерот, во драматичното обраќање кажа дека материјалите од прислушувањето, дел се вистинити, дел, полувистини, а дел сечени, лепени и монтирани разговори, до денес ниту еднаш не кажа што од слушнатото е вистина, која е полувистината, а што е лепено и монтирано, напротив, сега излегува дека се е сечено, лепено и монтирано...нешто не е во ред, некој ја лаже јавноста, дали при првото обраќање или после него, се едно, но факт е дека некој лаже, дека некој нешто крие, играјќи на картата на краткото помнење.
Заедно со позицијата, имаме и претседател на државата кој го премолчи сиов овој период, небаре во државата ни цветаат рози. Претседателот на државата и врховен командант на вооружените сили на Република Македонија, човек под чија непосредна ингеренција е Агенцијата за разузнување, наместо веднаш по првото драматично обраќање на премиерот во Јануари, да го свика Советот за безбедност, да ги разгледаат тврдењата од премиерот, со анализа на разузнувачките информации да донесат оценка за состојбата во земјата и да излезе во јавноста со соодветен став и информации, тој одмолча се, а говореше во ООН на сесијата на Комитетот за човекови слободи и права за обесправеноста на македонците во Грција, а ни збор за кршењето на човековите слободи и права во земјата во која тој е претседател или подобро кажано во земјата во која е избран за да биде претседател. Дури и интервјуата, исто како и премиерот, не ги даваат на националниот сервис, најблиска им е онаа партиска телевизиска куќа која прикажува "ку*тон вести".
Ни се случи 9 ти Мај, загинаа осум припадници на безбедносните сили, а уште триесетина повредени се во Клиничкиот центар во Скопје.
Дури потоа оној што треба да биде претседател, се сети да го свика Советот за национална безбедност...срамно за него, а жално за животите на оние млади луѓе што неможат повеќе да се радуваат на животот и на своите блиски.
Министерката Јанкуловска, на прес конференцијата во доцните вечерни часови, кажа дека имале оперативни информации за делувањето на оваа терористичка група, дека подготвиле план, направиле штаб...но клучното прашање што се чекало до сега, се чекаше терористите да се утврдат и усидрат во дивата населба во Куманово? Зошто? Зошто воопшто е дозволено да се утврдат во населено место и во акцијата за нивно елиминирање да се изложи на ризик и цивилното население? Неспорна е храброста и одлучноста на полицијата во справувањето со терористичката група, но очигледни се пропусти во анализирањето и менаџирањето со информациите, планирањето на активностите на надлежните институции...на нивна душа оди загубата на човечките животи. Дали сега претседателот на државата ќе ја преземе врз себе одговорноста за ова што се случи...или тоа ќе го стори премиерот или министерот за внатрешни работи...или пак, она што е најверојатно, Латас во име на најодговорните и најповиканите, ќе го обвинува Заев и опозицијата, а не тие кои според уставот и законите на Република Македонија се одговорни за функционирањето на институциите на државата. Можеби ќе се обидат и да не убедат дека во успешна акција на безбедносните сили ја елиминирале терористичката група, но превисоко платената цена за тоа, е на душа токму на тие што се должни да ги менаџираат институциите задолжени за безбедноста на државата и граѓаните.
Дали бродот на кој сите се наоѓаме има кормилар...дали има воопшто некој што ќе се најде бродот да го извлече во мирни води или и натаму ќе се пловиме низ немирно море со сериозно оштетен брод, брод кој тоне?!
Премиерот во денешното обраќање (10. Мај), кажа дека Македонија има сила да се справи со секој што ќе посегне по државата и народот...да Македонија има сила, но доколку има стручни, компетентни и професионални, а не партиски кадри на клучните места во институциите, особено во разузнувањето и полицијата, цената која ќе треба да се плати при справувањето со секој што ќе посегне по државата и граѓаните, нема да биде толку висока колку што ја плативме во овие два дена! Вечен срам за тие што требаше, но не сторија се за да не се случи тоа што се случи! Нека им е вечна слава и помен за храбрите полицајци, кои ги положија своите млади животи во одбраната на својата татковина!
Comments