Измешани лончиња
- Gjorgji Risteski
- Jan 6, 2015
- 4 min read
Сведоци сме на една рашомонијада која ни се случува во сферата на образованието. Владата предлага концепт за полагање на државен испит, како чин на верификација на академското знаење на студентите, а опозицијата и дел од студентите, поистоветувајќи го државниот испит со екстерно тестирање, не концептот, туку самата идеја ја дочекаа на нож и жестоко реагираа.Веднаш реагираа и од империумот, со прст покажаа кон опозицијата, соросовите НВО ќерки, небаре се шугави, па пу, пу, подалеку од нив да не ве префати шугата...Во ред, во демократско општество вакви реакции се дозволени, но очигледно е нетрпението, нема желба да се сочека јавната дебата, да се сочека целосната елаборација на концептот, мислењата и ставовите на на стручната јавност, за потоа, ако има нешто што не е прифатливо и неможе да се испегла во рамките на институциите, па тогаш несогласувањето и неприфаќањето нека се пренесе на улиците.Но и тоа не е проблем, веќе кажав дека сево ова што се случува може да се смести во корпусот на демократски права, така што имаме ситуација во која сите ги мешаат лончињата и наместо решение на проблемот, имаме аргументи за добрите и шугавите, но не и начин како да се надминат со децении под тепих ставаните отворени прашања.Тогаш се поставува прашањето каде и во што е проблемот?За да дојдеме до проблемот, неопходно е да ја побараме причинско последичната врска на состојбите во образованието, а не само да ги апострофираме и да се обидуваме со некакви административни мерки да ги сузбиваме последиците.Кој е мотивот на Владата да посегне по ваков предлог...веројатно лошиот квалитет на добар дел од дипломците кои излегуваат од нашите факултети. Мислам дека никој не ја доведува во прашање добрата намера на Владата, но дали добрата намера и концептот што се предлага се вистинското решение за надминување на евидентните слабости во високото образование? Дали некој мисли дека студентите сами си ги пишуваат оценките за тие да се нереално високи, па дури и квантумот на знаење да не е ни до прагот за преодна оценка?Кои се и што велат голите факти?Факт е дека денес секој има шанса да се школува на високошколските институции во земјава; факт е и тоа дека системот на студирање се упрости, до степен отворено да се фрли сомневање на квалитетот на студиите; факт е дека бројот на дипломци, магистранти и докторанти преку ноќ порасна, како што порасна и бројот на функционери кои во време додека извршуват некоја јавна функција, успејаа да магистрираат и докторираат и да влезат во високообразовниот процес; факт е дека добар дел од професорскиот кадар е вклучен во активниот политички живот на земјава; како што е факт и тоа дека непотизмот царува на универзитетите, а факт е дека се погласно се говори дека на некои од универзитетите како на приватните така и на државните, кои не се исклучок, оценките можат да се купат.Се прават вицови, дека кога возите покрај некои од универзитетите треба да ги затворате прозорите од возилото, случајно да не ви фрлат диплома од некој од факултетите на тие универзитети.Тоа се голите факти. Значи имаме некои што продаваат и некои други што можат, како на пазар да си купат.Меѓутоа, очигледно имаме проблем со идентификување на причините за ваквата состојба.Моето лично мислење е дека концептот на Владата е истрел во празно, бидејќи под лупа го става производот, а не причините зошто тој производ е со сомнителен квалитет, а причината пред се е во производителот. Чија лошо работење ќе покриваме со воведување на државен испит?Се додека се оди по принципот вината да се лоцира кај оние што го следат образовниот процес, што очигледно тоа е најлесната варијанта, а не кај оние што се должни квалитетно да го реализираат, ќе има вакви општествени триења.Дали сте виделе како нашите студенти одат да полагаат испит и од што учат...од прибелешки фатени на предавањата, од презентации (?!), од скрипти, некакви квази истражувања спроведени од НВО и сл. Да, има и задолжителна литература, но искрено, со најголем број студенти со кои сум разговарал, велат дека таа за на испит не им е потреба...тогаш за што и за кога им е потребна ?!Линијата на послаб отпор е силна и ако студентите не се мотивираат и не се принудат да научат и да знаат за на испит, тогаш јасно е, ќе собираат поени за редовност, за активност, на од интернет симнати и препишани есеи, на презентации...со други зборови, услов да ја добиете дипломата за завршени студии не е знаењето, не е квалитетот, туку послушноста, редовноста и забавата околу одењето на студии, сурфањето на интернет и по сите основи собирањето на кредити. Секоја чест на поединци, но изгледа квалитетот е исклучок, а не правило.Ако вистински потег беше преводот на 500 светски наслови, на стручна литература од различни области, со идејата за полагање на државен испит, без реформи во системот на студирањето, без ставање под лупа на Болоњскиот кредит трансфер систем на студии, без прочешлување на кадрите во универзитетите, кои патем кажано меѓусебе роднински се исповрзани, ништо нема да се постигне.Колку е сериозно прашањето со кадрите што предаваат на универзитетите, говори фактот што сите сметаат дека штом еднаш бидат избрани, за навек остануваат на тоа место, пуштаат корења и никој не може да ги тргне. Секој нареден конкурс што го распишуваат за избор во наставно научно звање (согласно нашата правна терминологија), всушност е за реизбор (термин што значи монопол, ставена рака на местото, избор на кандидат без натпревар за одмерување на квалитетот на пријавените кандидати), па одтука се поставува и дилемата, дали воопшто има потреба од конкурс, кога и ректорите и деканите не уверуваат дека станува збор само за реизбор (?!).Исто така, до сега немам слушнато од уважените ректори на универзитетите за каква академска независност се залагаат, кога добар дел од професорите активно се вклучени во политичкиот живот на земјава, за каква тоа независност се залагаат, или тоа со академската независност се афирмира само по потреба, за собирање политички поени.Ако треба, а треба нешто да се направи, тогаш неопходно е да се исчисти застоената и замирисана вода во која се кријат и такви на кои местото не им е таму, како и да се промени системот на оценување на знаењето на студентите, за никогаш никој да не се посомнева во квалитетот на знаењето кое студентите го стекнале на факултетите.Дајте дебата на овие теми, дајте да ја средиме суштината, да удриме по причините за лошиот производ, ако се сомневаме дека е лош, а не да дебатираме за административни потези со кои сакаме као да ги санираме последиците...со тоа никој, никогаш и ништо нема да постигне, ќе удараме по последиците, а причините, тие ќе пуштаат се подлабоки корења, до степен кога самите ќе продуцираме доволно кадар за да се поттикне процес на општествена аномија.
Comments