Јас не сум Шарли!
- Gjorgji Risteski
- Jan 16, 2015
- 3 min read
Со најдлабоки чувства на жал и болка сочувствувам со жртвите на Шарли во Париз. Многу убаво беше кажано од бројни државници, дека кукавичкиот терористички чин не е атак само врз слободата на мислењето, слободата на говорот, туку сериозен атак на слободата воопшто. Во целост се согласувам со ваквиот став...како што, ако направиме паралела со гранатирањето на зградата на РТС за време на кампањата на НАТО врз тогашна или подобро кажано, врз тоа што остана од СР Југославија, во целост ќе се согласам дека и тоа беше атак врз слободата на мислењето, слободата на говорот и слободата воопшто. Новинари загинаа и во Ирак, некои и од пријателски оган; гинеа и во Египет, во Русија, во Украина, во Авганистан...но никому не му падна ни на крај памет да реагира на начин како што тоа се случи во Париз. Кога сме кај слободата, со кое право слободарска Европа, а особено Франција говори за човекови слободи и права, говори за универзалноста на слободата како цивилизациска придобивка, а се однесуваат како небаре слободата да е само за одбраното друштво. Се прашувам каде ли Франција го сместува правото на самоизјаснување по прашањето за тоа на кој народ или нација некој припаѓа, кој и каков јазик говори, како тој народ ќе си ја нарекува сопствената држава. Се до тогаш додека некои, особено кога се погодени таму каде што нив ги боли, едно говорат, а секогаш кога е нечија друга судбина во прашање друго прават и работите ги мерат со различен аршин, освен моето искрено сочувство кон жртвите на безумниот напад во Шарли, отворено велам, не, јас не сум Шарли, туку сум жртва на теророт на моќните и големите кои демократијата и слободата ја моделираат по сопствен, а не по универзален терк. Кај нас, во име на соживотот и толеранцијата, во име на слободата, оние кои во нашата земја меѓу себе се нарекуваат шиптари, ние ги ословуваме со албанци. Тоа го правиме затоа што тие се многу сензитивни кога некој од друга националност ќе ги нарече шиптари. Токму затоа, од почит кон нив, ќе повторам, во име на слободата и изборот на името со кое сакаат да им се обраќаме, нив ги ословуваме и им се обраќаме со албанци. Која би била паралелата, кога некој знае дека припадниците на исламската вероисповед се многу сензибилни кон навредите и сквернавењето на ликот на нивниот пророк, зошто и со кое право некој ги боде токму таму каде најмногу ги боли?! Та нели исконска е онаа народната - немој да правиш некому нешто, што самиот не сакаш некој друг тебе да ти го прави. Не ги осудувам нашите новинари што се фотографираа со натписот И јас сум Шарли, тоа е нивен личен став, в'прочем и ние тука имавме некои кои беа А1, но сакам јасно да кажам, дека лично се чувствувам тероризиран од земјите членки на ЕУ, со тоа што спротивно на моите најдлабоки лични чувства, моите најискрени убрдувања, спротивно на онаа цивилизациска придобивка - слобода во вистинската смисла на зборот, јас немам ниту право ниту чест од нивните претставници дури и тогаш кога престојуваат во мојата земја да бидам прозван како Македонец, мојот јазик како македонски, за разлика од останатите, далеку помалубројни етнички заедници во мојата татковина Република Македонија, албанци, срби, роми, бошњаци...кои го имаат правото и честа да бидат соодветно ословувани. Не, не ме повредува тоа, впрочем тие се мои сограѓани, но ме повредува мене лично, како македонец, како човек што треба да биде слободен и во таа смисла имам слобода да кажам кој сум, што сум, од каде потекнувам, која е мојата татковина, каков е мојот јазик, во кого ќе верувам и тн. Простете, но јас не сум Шарли, а гушењето на слободата на другите, предизвикува спирален ефект на насилство без крај.
コメント