top of page
СЛЕДИ

Ајде да ја браниме Македонија

  • Writer: Gjorgji Risteski
    Gjorgji Risteski
  • Feb 9, 2015
  • 5 min read

Воислав Зафировски

Ако во Гинисовата книга на рекорди постоеше категорија за совесни и одговорни интелектуалци, рекордот за "брза и интелигентна" реакција ќе го поставеа нашиве "интелектуалци", кои не чекаа ниту да се запознаат со информациите со кои располага Заев, ниту чекаа официјален обвинителен акт од надлежното обвинителство, тику веднаш преку ноќ формираа Здружение за одбрана на Македонија. Браво, ех да ја имавме оваа плејада на силни интелектуалци на чело со Ачковска, во 2001 година, воениот конфликт ќе го решевме во наша полза и за експресно кусо време...штета.

Тоа што мене ме збунува во реакцијата на нашиве "интелектуалци" и прави да се чувствувам глуп, е прашањето кое прво си го поставив кога разбрав за нивното Здружение - а од кого тоа ќе не (од)бранат? Сполај му на Бога, засега се уште никој не не нападнал, од друга страна имаме УБК, имаме и Агенција за разузнавање имаме и Воено разузнавање, а бидејќи јас верувам во нашите институции, убеден сум дека службите на институциите ги следат активностите на странските разузнавачи во земјава, се координираат и не сум чул званична информација од нив која би ме поттикнала да размислувам дека некој со помош на странските служби подготвува пуч во земјава. Напротив, добив впечаток дека некој располага со информации кои ги има добиено од странска служба, а говорат за инволвираност на луѓе од власта во сериозен криминал.Токму од тука се прашувам, ова Здружение, од кого тоа сака да не брани?! Дали од тие што ги доставиле тие информации до опозицијата (ако се браниме од нив, се прашувам, ќе ни треба ли оружје), од опозицијата која, како тврди, има проверливи информации за инволвираност на луѓе од власта во сериозен криминал, или пак ќе не бранат од евентуалната вистина, дека луѓе од власта се вмешани во сериозен криминал...или можеби од се заедно.

Тоа дополнително што ме фрустрира е неможноста да разберам како е возможно, во услови кога само едвај 5 до 10% од членовите на синдикатот на образование наука и култура штрајкуваа, а претседателот на СОНК беше катадневно прозиван по националните телевизии дека води своја политика, дека штрајкот е од лични мотиви, дека меѓу членството нема подршка, наеднаш, преку ноќ, се удоволи на синдикалните барања на оние 5-10% штрајкувачи, а тоа коинцидира со актуелниов момент.Следно во низата што исто така ме фрустрира и збунува, е преку ноќ донесената одлука да се одложи спроведувањето на државниот испит за студентите, а само до пред некој ден, владата имаше јасна, недвосмислена и рововски утврдена позиција дека државен испит ќе има за студентите што од оваа година ќе се запише на студии. До нив не стигнуваа ниту ставовите на еден "мал" број факултети, "мал" број студенти, ставовите на студентскиот пленум, професорскиот пленум, се почитуваа мислењата и ставовите на поголемиот број поддржувачи на идејата за државен испит...и наеднаш, токму во актуелниов миг, се одлага спроведувањето на Законот за високо образование, ќе се дебатира, секој секого ќе исслуша и ќе се донесе нов Закон за високо образование...пресврт како во театар, тогаш кога најмалку и никој не очекува, вау.Денес нов шок, ќе се менува законското решение со кое и за хонорарците, работодавачите ќе мораат да плаќаат придонеси...а до последно Владата не убедуваше дека законското решение е добро и праведно, дека нема ниту една причина за негова промена. Што се смени во меѓувреме кога ефектите од законското решение не се ни проверија низ практиката, стварно не ми е јасно...можеби Владата и била во право или актуелниов момент е премногу сензитивен, па дајте да се обидеме да удоброволиме уште некоја општествена категорија и да ја ставиме во позиција "да не брани".Простете, но јас не памтам во овие години на самостојна Македонија, ниту една Влада, во рок од една недела експресно и позитивно да одговори на штрајкувачи (едвај 5 - 10% од вкупниот број членови на синдикатот?!), да промени сопствени законски решенија зад кои цврсто стоеше и беше одлучна во нивното носење...ако не од принцип, од чалам тоа никој никогаш до сега не го сторил.Мојот скромен заклучок е дека ништо од ова не е случајно, особено не коинцидирањето со случајов "пуч", налет и принципи, налет и чалам, мора да се брани Македонија...и се уште не ми е јасно од кого, а Бога ми, во целава работа има некои на кои стварно ќе им треба некој добро да ги "брани", се разбира доколку сме правна држава и правото се применува подеднакво кон сите.

Јас стварно не ги разбирам "интелектуалците" што се обединиле во Здружение за спас на Македонија, врз основа на што ја базираат својата платформа, веројатно на едностраното обвинување од премиерот...тој кажа дека Заев му вршел притисок и го уценувал со информации добиени од странска служба. Е, тоа е доволно, што има сега да водиме судска постапка кога тие, "интелектуалците" подготвени се самите да пресудат во случајов, за нив нема ни потреба да се видат информациите со кои располага Заев или недај боже да разговараат со него, тие нему не му веруваат, тој е соработник со странска разузнавачка служба, врз него е фрлена анатема...тие едноставно си имаат визија и мисија - да ја спасат Македонија, веројатно со се нас македонците во неа, на кои ни се заканува помор, само за што уште не сме свесни, како што се свесни "интелектуалците", веројатно затоа се и "интелектуалци"?!Сега нешто што се однесува до независноста на нашето судство. Во случајов, во вака креирани околности, да живеевме и во Данска, неможе судот да остане независен и непристрасен, особено после ваков безобѕирен притисок од "јавноста", "експертите", "аналитичарите" и "интелектуалците", поддржани со тешката артилерија од "независните ни медиуми", се со цел, да се одбрани Македонија. Целиов амбиент е наелектризиран, а потпомогнат од медиумите се добива претстава дека наместо "нашето независно судство", "интелектуалците" судат и тоа сега без одлагање, без да знаат или барем да располагаат со некаков потврден факт, па и самите да знаат од кого тоа треба да ја спасат Македонија. Вака, се чини дека пресудата однапред е донесена уште пред да има обвинителен акт и пред судот да заседава.Врв ќе биде ако судот заради "тајноста на информациите" (можна инволвираност на луѓе од власта во сериозен криминал) ја исклучи јавноста.Искрен да бидам, ако тоа се случи, би се срамел од сопствената држава, од луѓето што не водат, од тие фаци кои се декларираат за експерти, аналитичари и интелектуалци, кои цела недела веќе не се симнуваат од ТВ екраните во настојување да не убедат дека откривањето на документи за криминал на луѓе од власта ќе го доведе во прашање опстојувањето на Македонија, само затоа што документите ги обезбедила странска разузнавачка служба...безобразни, зар ние им се мешаме во нивниот криминал?!

Ваквите "интелектуалци" веројатно статусот го стекнале во кулоарите за време на голем одмор, додека ние глупавите, засега неосвестени, несовесни и неодговорни, моравме да учиме и уредно да полагаме испити...би се заложил, "интелектуалците" од Здружението најнапред да полагаат државен испит, затоа што лично се сомневам дека сопствениот статус кој го декларираат, им е фундиран на, простете ми, вистинските интелектуални вредности.Ако беше или е Македонија во прашање, ајде да ја браниме, но вистинското прашање е дали навистина е Македонија во прашање?

Воислав Зафировски

 
 
 

Comments


  • Wix Facebook page
  • Wix Twitter page
  • Wix Google+ page
ПРЕТХОДНИ
Архива
Пребарување по таг
Следете не
  • Facebook Basic Square
  • Twitter Basic Square
  • Google+ Basic Square

Also Featured In

    Like what you read? Donate now and help me provide fresh news and analysis for my readers   

Donate with PayPal

© 2023 by "This Just In". Proudly created with Wix.com

  • Facebook Basic Square
  • Twitter Basic Square
  • Google+ Basic Square
bottom of page