Форма, суштина, забава за народ и валкање на државата
- Gjorgji Risteski
- Feb 9, 2015
- 5 min read
Воислав Зафировски
Човек неможе да остане рамнодушен на ова што се случува со случајот "пуч", едноставно толку многу се измешаа тезите што наивните, во зависност од партиската припадност, секој на свој начин ја лапнаа јадицата, "експертите" и нашите неприкосновени, велесезнајни "аналитичари" побрзаа да се додворат на едните или на другите, меѓутоа факт е, сите се лепат на формата, додека суштината намерно се става под тепих, затоа што ако таа се проучи, тогаш работите стојат сосема поинаку.Ајде со ред, да ја видиме хронологијата.- Заев најавува информации и снимени материјали, кои би оддекнале како бомба, која би ја поткопала позицијата на власта и ефектот би бил прифаќање на барањата на опозицијата, што подразбира и формирање преодна техничка влада со задача да спроведе фер и демократски (по кој знае кој пат) вонредни парламентарни избори;- Позицијата и премиерот Груевски отворено го повикуваат Заев, доколку има какви било информации, истиот да ги објави;- Заев калкулира со времето, перманентно вршејќи притисок во јавноста, веројатно очекувајќи Груевски да се исплаши и да ги прифати барањата на опозицијата, со што објавувањето на информациите би добиле употребна вредност во некое идно догледно време;- Груевски, во голем стил (незнам дали по барање на Заев или по негова иницијатива) прифаќа тајни средби со Заев, на кои се разговара за информациите со кои располага Заев и тие средби некој (не, не се од МВР), тајно ги снима;- Се случи апсењето на Верушевски, со обвинение за недозволено поседување на огнено оружје и прикажување на снимки со порнографска содржина на дете (?!);- Три дена медиумите беа преполни со детали за животот и делото на Зоран Верушевски и за неговиот син, па со објаснувања и толкувања на кривичното дело - прикажување на снимки со порнографска содржина на дете;- Дојде саботата 31.01. во која премиерот Груевски имаше навистина коректно обраќање кон јавноста, а тоа што остави голема надеж дека работите ќе имаат институционален и транспарентен тек, беше најавата на премиерот дека целата постапка ќе се води јавно, транспарентно и со презентирање на сите релевантни докази;- Со обраќањето на премиерот, се откри и суштината заради која Верушевски беше лишен од слобода и наеднаш се заборави на претходните обвиненија, туку сега фокусот се стави на неговата улога и поврзаност со документите кои ги поседува Заев;- Јавноста беше шокирана, збунета и поделена, а тоа што најмногу збунуваше беше што целата таа ситуација стигна до точка на вриење без да се знаат детали, односно кои се тие информации, на што се однесуваат и кои од нив се вистинити и точни, а кои не. Со еден збор, бурата ја предизвика оној дел од обраќањето на премиерот кој се однесуваше на потеклото на информациите, односно дека тие, според "признанието" на Заев, се добиени од странска разузнавачка служба;- Веќе во понеделникот на 02.02. низок удар, најнапред на јутјуб и низ сите национални телевизии се завртеа две снимки, едната од 19, а другата од 33 секунди, на кои се прикажани Груевски и Заев во разговор (сигурно не е снимено од МВР), на кои може да се слушне како Груевски (кој не знае дека некој им го снима разговорот), го навлекува Заев да каже дека информациите со кои располага се добиени од странска служба...а ниту збор за тоа што содржат тие информации, на што се однесуваат;- Се огласи СДСМ, со најава за кривична пријава за неовластено снимање и прикажување на снимениот материјал;- Следи круната - Јавното обвинителство за борба против организираниот криминал и корупција се огласи со забрана за прикажување на какви било снимени материјали кои и самите би можеле да бидат предмет на кривична постапка и со најава за тоа дека ќе испита како "инкриминираната" снимка од разговорот меѓу Груевски и Заев се нашла во рацете на медиумите (верувам дека Груевски не знаел дека ги снимаат и дека МВР во тоа не е инволвирано) и како тоа тие се нашле на ударните термини на сите национални телевизии...значи ли ова дека и судот ќе го затвори претресот за јавноста, бидејќи таму има некакви "државни" тајни, така што јавноста ќе остане покуса за содржините од информациите со кои располагал Заев, со нивната суштина...па нели целиот тој процес ќе беше јавен и транспарентен?!Тоа е фактографијата, меѓутоа тоа што недостига е раздвојувањето на формата од суштината; презумпцијата на невиност, се додека во фер и транспарентна судска постапка не се докаже нечија вина; нерамноправност во можноста да се користат "исти" оружја; жигосувањето и јавниот линч преку медиумите врз основа на јавно изнесено обвинение, без да се слушне втората страна и користење на "докази" до кои е дојдено на нелегитимен начин, а кои на граѓаните им се сервирани во оние две видео снимки како крунски доказ за вината на едните, односто невиноста на другите, секако без знаење на премиерот и без инволвираност на службите од МВР. Така се билдаат наивните со туѓи ставови, кои потоа ако треба до смрт ќе ги бранат како свои, бранејќи ги како света вистина, како догма.Значи, се што до сега е сервирано на јавноста, недвосмислено е формата и претпоставената анатомија на некое кривично дело, кое за да биде тоа треба да ги помине сите фази на судската постапка, при што во моделирањето на јавното мислење се користи сиот медиумски арсенал, секако без да се инволвираат институциите на државата.Тоа што мене како човек што размислува со сопствена глава, покрај формата, многу повеќе ме интересира суштината, а тоа е содржината на информациите со кои располага Заев, од каде му се (не, не ме интересираат снимките од случајните присутни кои им го снимале оној дел од разговорот во кој се вели дека информациите потекнуваат од странски служби, впрочем, тоа во судска постапка треба да се докаже, а не од јутјуб да се користат како непобитен доказ), дали во нив има податоци за криминал на луѓе од власта кои можат да се проверат и да се побара одговорност за тоа. Секако тоа нужно мора да се одвива јавно, транспарентно низ фер судска постапка, со користење на идентични правни оружја, без исклучување на јавноста. Само тогаш и на тој начин ќе ми се врати разнишаната доверба во правната ни држава и владеењето на правото еднакво за сите.Како човек кој се труди непристрасно да гледа на оваа бламажа на единствената ни наша држава, а заради менталната хигиена на граѓаните на Република Македонија, учтиво ги молам "аналитичарите" и "експертите" на двата табора, меѓу кои има и такви кои се претставуваат со титулари кои никогаш ги немале, да не олабават од нивните анализи и експертски ставови и мислења, бидејќи фактите треба да ги утврдат судските власти, а се што е надвор од тој уставен и законски канален ред, не е ништо друго освен манипулирање со јавноста, која пак во отсуство на потврдени факти е лесно поводлива и склона на поларизирање. Впрочем, низ овие години на самостојна Македонија, имавме многу такви случаи кога спектакуларно, пред камерите кои случајно се нашле на местото на настанот, се апсеа лица што низ судска постапка се покажа и докажа дека се невини, а штетата по нивната чест, углед, достоинство, штетата што е предизвикана на нивните семејства никој и никогаш не може да им ја надоместе...а и тогаш "аналитичарите" и "експертите" од едниот или од другиот табор ја труеја јавноста со нивните непорочни анализи и експертизи.Затоа господо, наместо демократски примитивизам, покажете демократски капацитет, воздржете се од ступидни коментари кои ги темелите на нешто што некој кажал, а не на факти и аргументи утврдени во судска постапка, оставете обвинителството и судот да ја завршат својата работа, затоа што единствено тие можат институционално да докажат дали некој сторил кривично дело, кое и какво...не заборавајте, само тие според Уставот се таа трета, независна власт кои ја имаат таа обврска.Патриотизмот на "интелектуалците" со формирање на Здружение за спас на Македонија (?! жити мајка), нивната бланко осуда, без легитимна и институционална постапка во која ќе се констатира што е што, е само уште една потврда дека "интелектуалците" се користат само како маша, а се надевам ќе се согласите, машата од секогаш била и ќе остане проста алатка која служи некому што си игра со оган да не си ги изгори рацете.Само тоа и само така ќе биде најдобро за разграничување на формата од суштината; за точно и соодветно информирање, а не манипулирање со јавноста; и секако, ќе се намали штетата од јавната бламажа на нашата татковина Република Македонија.
Comments