top of page
СЛЕДИ

Леле мори мајко, кој е луд, кој е збунет...а кој исплашен

  • Writer: Gjorgji Risteski
    Gjorgji Risteski
  • Feb 26, 2015
  • 4 min read

Само еден ден по објавувањето на снимените разговори на некои лоши луѓе со кочијашко уличен вокабулар, во кои кажуваат како бил уапсен Љубе Бошковски, како при тоа го третирале како животно, колку години затвор ќе лежи, што ќе му се случува во Шутка, што и како да се објави по телевизиите, замислете, на јутјуб, од мирна душа се појавија снимките од ПИМ, што беа користени како доказ во судскиот процес против Љубе Бошковски, кои до сега беа строго чувани од јавноста, што е правен манир во секоја правна држава, особено кога се користи и заштитен сведок.

Зошто сега овие снимки на јутјуб...не верувам дека Заев е збунетиот, па преку свој луѓе во судската власт ги извадил од нафталин и ги објавил на јутјуб...човекот не е до толку. Тука некој друг има замешано прсти, веројатно некои лоши луѓе, во обид да си ги измијат устите од гадостите што имавме можност да ги слушаме претходниот ден, демек, еве, Љубе е предавник и колаборационист, а за такви и не треба да се користи попристоен вокабулар. Алооо, па немојте од нас да правите кретени, Љубе Бошковски е таму каде што е, токму заради тоа што е фатен со симнати гаќи на тие снимки и сега си ја издржува заслужената казна...но очигледен е стравот некој од лошите луѓе, во некое догледно време да не му прави друштво на Љубе во Идризово. Дека тој страв постои, говорат вонредните вести на национални ли се партиски ли се телевизии, кои на долго и широко ги елаборираа гревовите на Бошковски, небаре сега го фатија, па ќе го дадат на нашите "интелектуалци" од Граѓанското движење за ослободување на Македонија на повторно судење или на јавен линч можеби...леле мори мајко, па човекот за тој грев веќе е во затвор, а клучниот принцип во правото вели дека за едно дело може само еднаш да се суди. Исто така, по издржувањето на изречената казна, граѓанинот е слободен и ги ужива сите слободи, права и обврски кои ги има секој друг, слободен граѓанин на Република Македонија...барем така е по Уставот и законите. Вие, лошите луѓе, за се она што имавме можност да слушнеме од Вас, перењето на устите со некој што веќе е зад решетки, за секој нормален човек не значи ништо друго освен манифестација на страв и невешт обид да се заменат тезите, дека, демек Вие сте патриотите и не спасивте од злото кое се вика Љубе Бошковски, и наместо да се згрозуваме од Вас, треба со ордени да Ве одликуваат. Браво...но, не заборавајте, вие земате плата за тоа што го работите, а да ја земете со чиста совест, треба совесно и одговорно да ја одработите. Со други зборови, не сте направиле ништо повеќе од тоа што според описот и пописот на вашите работни задачи сте морале да го направите. Но сега се прашувам кој ќе ја понесе одговорноста за појавувањето на снимките од ПИМ за случајот со Бошковски на јутјуб, а од таму на националните ТВ станици...можеби чуварот на депото во судот? Убеден сум дека никој од Обвинителството, ниту од судот, надвор од мандатот што го имаат, дозволил снимките од ПИМ да излезат во јавност...опозицијата и да сака, нема пристап до нив, позицијата бидејќи држи до закон и до функционирање на правото, а со тоа ја гарантира правната сигурност на своите граѓани, не верувам дека ќе посегне по таква глупост...тогаш останува чуварот на депото во судот, во моментов, тој ми е некако најсомнителен, тој ќе да е тој што ни го резили правниот поредок и институциите на државата воопшто...како не му е срам?! Сега на потег е нашето независно Јавно обвинителство, ако треба, обвинителите може да направат консултации и со професорката Каракамишева, да не згрешат во квалификацијата на делото за кое е виновен...и не за едно дело, што било тоа, овој не резили пред сета домашна и меѓународна јавност, и замислете обвинителството да излезе со обвинение само за едно кривично дело, не, тоа со Каракамишева има стручно и експертски да се подготви обвинителен акт, во кој на неколку страни има да му се навезат сите дела за кои е виновен...сепак, има среќа чуварот на депото во судот, Република Македонија е демократска земја и во неа оддамна е укината смртната казна. Еј, за што ги мислите граѓаните на Македонија, немојте да ги потценувате, та во вонредни вести да ги информирате за стопениот снег од пред четири години и тоа со снимки, демек преземени од јутјуб. Леле мори мајко, тука човек не може да знае кој е луд, кој е збунет, а кој исплашен, можеби грешам, но се ми се чини дека стравот на тие што треба да му прават друштво на Љубе Бошковски, е толку голем, а Бога ми и реален, што човек е во недоумица уште што се ќе видиме во "одбрана" на Македонија. Срамота и резил за вкупниот правен систем во земјава... Јас од денес, еве, официјално ветувам дека вести ќе си гледам на јутјуб, наместо на националните ни телевизии, чунки ударните вести ги преземаат од таму. Значи, ќе си ги гледам од прва рака, а не некој друг да ми ги прераскажува и коментира, убедувајќи ме (тоа затоа што сум глупав), дека во последен миг "интелектуалците" од ГДОМ, ни ја спасиле државата и нас со се неа!

 
 
 

Comments


  • Wix Facebook page
  • Wix Twitter page
  • Wix Google+ page
ПРЕТХОДНИ
Архива
Пребарување по таг
Следете не
  • Facebook Basic Square
  • Twitter Basic Square
  • Google+ Basic Square

Also Featured In

    Like what you read? Donate now and help me provide fresh news and analysis for my readers   

Donate with PayPal

© 2023 by "This Just In". Proudly created with Wix.com

  • Facebook Basic Square
  • Twitter Basic Square
  • Google+ Basic Square
bottom of page