Улучно кочијашки вокабулар
- Gjorgji Risteski
- Feb 26, 2015
- 3 min read
Во почетокот на Септември минатата година, објавив една колумна која говори за нашите од бога избрани да не водат, за типовите и фаците што работат на креирање на јавното мислење. За тоа, колку се тие специјални, за тоа од каде им се парите, како тоа во Социјалистичка Република Македонија се изродија грст луѓе со сина крв, со круна на главата, та наследија империи, така што денес имаат потреба и на, простете, на мочање да одат со обезбедување.
Леле колку сум бил во право...дури и не бев толку убеден колку што сум денес, веднаш по објавувањето на снимките од телефонските разговори на директорот на УБК со сопственикот на Канал 5 и главниот и одговорен уредник на Сител. Се до денес не ми беше јасно зошто еден куп образовани писмени и добро воспитани, млади луѓе кои говорат странски јазици и имаат исклучителен и пристоен вокабулар, неможат да најдат работа во јавните служби и државната администрација. Секогаш во меѓусебната комуникација ако се случи да користат безобразни изрази, знаат дека тоа не е пристојно, дека тоа, пред се многу лошо говори за нив. Сега се ми е јасно, вистинската причина лежи во тоа што тие неможат да се вклопат во уличниот вокабулар на лицава кои имаат неверојатно одговорни позиции во општеството, кои имаат моќ да го моделираат јавното мислење по сопствен терк, а не по проверените, општо прифатени стандарди и најдобрите европски практики. Се прашувам уште колку луѓе, колку родители, колку млади квалитетни и добро воспитани кадри се фрустрираа од вокабуларот при меѓусебните разговорите на луѓето кои важат за алфа и омега во државата ни, а имавме можност денес да ги слушнеме. Срамота...верувам дека нема да им помогне устите и со сапун да си ги измијат од изречените гадости, не! Се прашувам сега, со кој образ ќе се појават во електронските медиуми и ќе ни го перат умот, зарем немаат трошка човечка доблест да се повлечат и никогаш повеќе да не се појават во јавноста, ако не за друго, заради тоа што имавме можност да го слушнеме на снимките, простачки, уличен, кочијашко чаламџиски вокабулар и јасно изразено влијание врз оние наши од бога избрани новинари, што би рекло сите длабоко инволвирани во моделирањето на јавно мислење по сопствен терк. Навистина се прашувам, после објавувањето на сиве овие снимки, кому му е важно од каде и од кого се добиени...дали од кртови во МВР, или од странска служба, веројатно на Граѓанското движење за одбрана на Македонија, на "аналитичарите", "експертите" и "интелектуалците". Ним веројатно им е важно, но на нас глупавите што до скоро и не знаевме од кого тоа не бранат, а замислете, не бранеле од нашата болна вистина, нам не ни е важна формата за тоа од каде се снимките, кој кому и зошто ги дал, нам ни е битна суштината - кога тие фаци, што однапред знаат кому колкава казна судот ќе му изрече; што кажуваат кому што ќе му се случува во Шутка; што наложуваат која вистина да се презентира на јавноста, а што да се сокрие (читајте цензурирање), - битно ни е, кога тие ќе ни се извинат и засекогаш ќе си заминат од јавниот живот, кога ќе си ги повлечат своите пулени од институциите што вршат мобинг и ги бркаат од работа тие што имаат поинаков став од нивниот, за на нивните места да дојдат вистински образовани, добро воспитани кадри, кои се пред се добри луѓе. Впечаток е дека се што имавме да разбереме од снимените разговори, е дека тие што разговараат, кои и да се, се лоши луѓе, луѓе кои имаат сиви полиња во доброто воспитување, но затоа имаат добро оформен кочијашко улучен вокабулар, кој патем кажано, ним, кои и да се, како на личности и им прилега, но ни под разно не прилега на функциите и општествените задолженија што ги извршуваат. Срамота, резил, бљак!
Comments