ЕКСПЕРТСКА ПЕРЦЕПЦИЈА
- Воислав Зафировски
- Jun 24, 2015
- 3 min read

Се случи и тоа, Европскиот парламент, без употреба на дипломатски речник, без говор во ракавици, преку Извештајот на г-дин Прибе јасно стави до знаење каква ни е состојбата во државата и кого европскиот парламент го смета за одговорен за таквата состојба. Станува збор за Извештај во кои работите, за прв пат се нотирани со вистинското име и со прст се покажува на одговорните за тоа. Да, станува збор за Извештај кој е надвор од која било дипломатска обланда, нешто што не е вообичаено за извештаите и документите кои излегуваат од европските институции.
Своевремено, почитуваниот професор по казнено право д-р Ѓорѓи Марјановиќ знаеше да каже дека ако некој не ја разбира пристојната форма на критика, ако некој таков не може да ја разбере пораката (заради интелектуален хендикеп или од инает), која во таа пристојна форма му ја испраќате, не ви преостанува ништо друго освен критиката и пораката да му ја кажете на јазикот што тој може да го разбере.
Веројатно токму тоа нам ни се случи.
Арно ама, нашите правни експерти од типот на Каракамишева, истрчувајќи се во офсајд позиција, побрза да каже дека тоа што е напишано во Извештајот е рамно на правен скандал, бидејќи Прибе во него ја нотирал перцепцијата на опозицијата и на невладини организации подржани од Сорос (?!). Колку е вредно правното, експертско мислење на Каракамишева, говори фактот што таа, својот став го кажа за дневникот на ТВ Сител, дневник кој според гласот на неговиот главен и одговорен уредник (ако е тој) од прислушкуваните разговори како што самиот вели, емитува ку*тон вести. Колку е во прашање вистинска експертска перцепција на Каракамишева, говори фактот што таа многу лесно и без сериозни аргументи Извештајот на Прибе го окарактеризира како правен скандал, како некаква перцепција препишана од опозицијата. Каракамишева, најнапред треба да си постави прашање кој е Прибе, дали тој е некој случаен европратеник или е одличен познавач на состојбите во Република Македонија. Прибе, со години наназад беше претседавач на Поткомитетот за асоцијација и стабилизација меѓу Република Македонија и Европската Унија. Со години изворно ги следеше реформите во нашата земја и секогаш на состаноците на поткомитетот манифестираше исклучителна информираност за состојбите и пријателска наклонетост кон напорите за приближување на Република Македонија кон стандардите на ЕУ и исполнувањето на Копенхагенските критериуми. Тоа значи дека Прибе воопшто не е случајно ангажиран европратеник за да го раководи тимот од парламентарци што го изготви Извештајот за состојбите во Република Македонија. Напротив, станува збор за пратеник од Европскиот парламент кој со години наназад од блиску ги следи состојбите во нашата земја и заедно со тимот парламентарци аргументирано, со податоци добиени од институциите и релевантните фактори, или како инаку би рекле врз основа на аргументи го креирале Извештајот, а со оглед на тоа што досегашните пристојни дипломатски критики и пораки од Брисел соодветно не беа разбрани, јазикот и тонот во него се прилагодени (барем така смета Прибе и европарламентарците) на она ниво кое е разбирливо за оние што се најодговорни за состојбата во која ни се наоѓа државата. Меѓутоа, ако имаме предвид што се имавме можност да слушнеме од прислушуваните разговори на луѓето што ни ја водат државата, се разбира, ако се автентични снимките, тогаш Прибе се излажал, нивото на напишаниот Извештај требало уште повеќе да го симне за да бидат разбрани и критиките и пораките.
За крај, кога ќе помислам дека Каракамишева е професор, правен експерт на ТВ Сител, репер за младите правници...ма каков државен испит, веднаш имам јасна перцепција зошто кај нас правото функционира како што нефункционира. Нејзината експертска перцепција е просветлување за неуките, за сите неупатени, неинформирани и правно непросветлени души. Sent from my iPad
Comments