ПРИЕМ НА НОВИ 600 ПОЛИЦАЈЦИ, ПОТРЕБА ИЛИ ПРЕДИЗБОРЕН ПОТЕГ НА ПОЗИЦИЈАТА?
- Воислав Зафировски
- Jul 13, 2015
- 4 min read

На 11.08.2003 година, Владата на Република Македонија усвои Стратегија за реформи во полицијата, која беше изработена од работна група од МВР, со несебична помош и подршка од експерти на Европската Комисија. Во јануари 2004 година, откако беа испеглани сите забелешки и спорни делови од Стратегијата, беше усвоен Анекс, кој стана дел од тој исклучително значаен документ. Велам исклучително значаен документ, бидејќи тој претставуваше документ со целосно заокружен систем на функционална организациона поставеност на полицијата, со јасно дефинирани надлежности, со јасна разграничувачка линија меѓу стратешкото, оперативното и извршното равниште во поставеноста, со ослободување на полицијата од неполициските функции, со одговорности кои лесно се лоцираат, со правни процедури, етички принци за заштита на слободите, правата и приватноста на граѓаните, но и со точно дефиниран број на полициски службеници - 7.200, од кои 6000 би биле униформирани полициски службеници, а 1.200 би биле цивилна оператива. Во оваа бројка не влегуваат припадниците на граничната полиција, која согласно стандардната методологија за пресметка на бројот полициски службеници за обезбедување на државната граница требаше да биде 2.640. Стандардната методологија за пресметка на бројот на полициските службеници се раководеше од принципот - 1 полициски службеник на 350 граѓани, што претставуваше отстапка од европските стандарди, бидејќи се сметаше дека нашата земја е со поголеми безбедносни предизвици, за разлика од западноевропските земји, каде што тој сооднос варира од 1 полициски службеник на 500 граѓани до 1 полициски службеник на 850/950 граѓани во скандинавските земји. Колку беше сериозна обврската за сведување на бројот на полициските службеници говори фактот што во тоа време, во МВР работеа околу 12.000 полициски службеници. Имајќи ја предвид ваквата состојба, како и оценката на експертите од Европската Комисија кои најнапред направија функционална анализа на македонската полиција, која се содржеше во една поразителна реченица - вие имате нефункционален полициски систем, кој може да се каже дека функционира како систем на колективна полициска неодговорност кажана пред самиот почеток на креирање на Стратегијата (Ulrich Dugass, експерт од СР Германија, поранешен директор на полицијата на Северна Рајна Вествалија и проект менаџер на спроведените реформи во полицијата на Бранденбург, а ангажиран како супервизор на реформскиот процес во нашата полиција). Од Стратегијата за реформи во полицијата, до денес се направија формални промени, со шминка која отиде во сосема друга насока, така што тој документ остана само пуста желба, пуста визија за една поинаква, поодговорна полициска структура во едно општество кое требаше да биде демократско и слободно. Со судни маки се овозможи без сериозни турбуленции да нема отпуштања на полициски службеници, се направи измена на Законот за внатрешни работи, со кои се овозможи на сите кои ќе наполнат 40 години пензиски стаж, по сила на закон да заминат во пензија. Ова беше многу важна претпоставка за успешно реализирање на реформата. Проценката беше дека за период од пет години, само по овој принцип, во пензија ќе заминат доволен број полициски службеници со што ќе се исполнат прифатените обврски во поглед на утврдениот број. На тој начин, се постигнуваше и друг бенефит, имено, бидејќи најголемиот дел од тие што требаше да заминат во пензија беа македонци (само 1% од нив беа албанци и припадници на останатите етнички заедници), ќе се постигнеше и соодветен баланс во правичната застапеност на сите етнички заедници во полицијата.

Но очигледно е дека никој од тие што требало да ја прочитаат Стратегијата за реформи во полицијата, не ја прочитал, а по заминувањето на германските експерти и доаѓањето на француските, па се до постојните експерти од Европската Комисија, терајќи си го лагодниот живот, незнаејќи ја суштината на Усвоената Стратегија, нудат експериментални решенија кои се апсолутно нефункционални за нашите прилики. Тие и не посветуваат внимание на тоа што стварно се случува во процесот на реформирање на македонската полиција - од систем на колективна неодговорност, во функционално поставување на полициски систем кој ќе биде ефикасен и ефективен сервис на граѓаните. Сега читаме нов оглас за прием на 600 нови "инстант" полицајци. Џабе се пропагандните снимки за системот на проверки на кандидатите, кога низ кулоарите јавно се говори дека има друга врата за влез во полицијата. Овој оглас што сега се распишува не може да се гледа низ друга призма, освен низ призмата на актуелните случувања - предвремени избори; техничка влада и потреба, на време да се вдомат своите пулени кон кои актуелната власт во моментов им должи, но со гестот, долгот ќе се пренесе кај другата страна. Спомнав "инстант" полицајци, должен сун да објаснам. За некој да се стекне со квалификација да ве шиша и потшишува, потребно е да заврши три годишно средно училиште...а во случајов, некој да може да засегне во вашите слободи и права, да засегне во вашата приватност, да примени сила, дури и онаа најтешката форма - смртна сила, е, за нив е потребен курс од девет месеци теорија и три месеци пракса...разликата е како убаво подготвено нес кафе и ставена топла водичка во инстант кафе. Да и едното и другото е кафе, но фкусот и филингот никогаш неможат да бидат исти. Грешката која фризерот ќе ја направи, вообичаено се вели, ајде за недела дена ќе ти порасне, а грешката на полицискиот службеник, многу често е грешка со непоправливи последици. Дали не е време да се преиспита и одново афирмира Стратегијата за реформи во полицијата, заедно со процесот на едукација за полициски службеници, од кои граѓаните очекуваат да го спроведуваат законот, без најчесто партиска позадина, без предрасуди и без импровизации, бидејќи преопасна е играта на луѓето во сина униформа, особено што законот им овозможува да засегаат во правата на граѓаните за кои постојат Уставни и законски гаранции. Конечно, дали има потреба од нови вработувања во полицијата, кога согласно утврдените и договорени стандарди со Европската Комисија имаме доволен број полициски службеници, а особено што со политичките превирања во земјава, ваквиот потег логично, во јавноста се толкува како предизборен потег на позицијата?!
Comments