НАМАЛЕНИ КАЗНИ - ВЕТЕР ВО ГРБ ИЛИ ПРЕДИЗБОРНА ЗАМКА
- Воислав Зафировски
- Jul 27, 2015
- 4 min read

Вест на деценијата, одкако скоро една деценија стопанството и стопанствениците плаќаа казни повисоки дури и од казните во оние земји што имаат повеќекратно повисок стандард од македонскиот, Владата на Република Македонија, на чело со премиерот Груевски, решија казните за фирмите да ги сообразат со економската моќ и големината на компаниите! Дури не убедуваат дека во овој потег има и една нишка на едукативен пристап кон фирмите...и како што бидува, некои со кратко памтење или без можност да се сетат кој и кога тоа ги воведе драконските казни кои скоро цела деценија се практикуваа, побрзаа да го пофалат овој потег, демек ќе биде ветер во грбот на стопанството. Дали е баш така? Поразителни се податоците за тоа колку фирми имаат блокирани сметки, поразителни се кажувањата на бизнисмените кои размислуваат со сопствена глава, за тоа како инспекторите во неможност да најдат пропуст во работењето, се обидуваат да се договорат со нив и да кажат за што сакаат да бидат казнети, бидејќи не смееле да се вратат назад без да им изречат казна?! Колку стопанственици беа принудени да ги затворат своите бизниси заради казните кои ги плаќаа, а изречени не заради грешно работење, туку заради директивите на инспекциските служби, да не се вратат без да изречат казна за конкретни фирми. Се прашувам кој ќе им ја надомести штета на стопанствениците, која е директна последица на високите казни, кои ќе ги обезштети и оние што заради драконските казни мораа да отпуштаат вработени, или и тие ќе бидат дел од ветеното на Владата - Македонија вработува?! Сега, после скоро цела деценија, им текна дека таквите казни беа глупост, сега после се она што го слушнавме од прислушуваните разговори на уличарско кочијашката буљумента која на сите ни ја крои капата, демек, водејќи сметка за стопанството, ги редуцираат и прилагодуваат казните на некое разумно равниште, па дури се сетија дека може како за прв пат да поминат само со опомена?! Одкако се потпиша договорот во Пржино, и се договорија предвремени парламентарни избори, безобразно злоупотребувајќи го јавниот сервис и телевизиите со скапо платените уредници што не трујат со прескапо платените проекти на Владата и нивните ветени и реализирани проекти за осиромашување на граѓаните и богатење на клановите од фамилиите со сина крв, без око да им трепне, тие ја стартуваа својата предизборна кампања. За какви фер избори говориме, кога од сега, се се става во функција на претстојните избори, дури и не се бираат средства при тоа. Очигледно е дека Владата веќе ја започна својата предизборна кампања, на ова не реагира ДИК, тие одмараат...со други зборови Договорот од Пржино се крши уште пред да почне неговата имплементација. Каде се гарантите на тој договор да интервенираат, да ги истргаат за уши кабаетлиите што се уште се мислат за шизици и можат да го влечат овој народ за нос. Ако некој е политичар од збор и со интегритет, така и треба да се однесува, а не да се прави мангуп на сметка на нечие кратко помнење. Белки ќе нема потреба да собираме потписи да бараме нечија амнестија, белки ќе дојде ред еднаш и во Република Македонија да се примени правото на начин кој ја дава смислата на постоењето на правниот поредок во една земја, смислата на постоењето на која било држава и нејзината јуристдикција на целата нејзина територија. Верувам дека со моќта на доказите, и покрај ветеното и стореното, некој ќе мора да одговара и да даде отчет за тоа каде завршија големите пари од проектите, особено од оној Скопје 2014. Да, на хартија проектите се покриени, но суштински, испрани се огромни пари...последен пример е фонтаната на плоштадот која не работи - 128 прскалки, исто толку лед сијалици - цена преку 2 милиони евра; а исто таква фонтана, која за разлика од оваа во Скопје, е направена на плоштад во Лондон, со 1000 прскалки и исто толку лед сијалици, чини само околу 750.000 евра. Пресметајте, 128 во однос на 1000, пресметајте, нефункционална со функционална фонтана, помислете на соодносот меѓу (преку) 2 милиони евра во однос на 750.000 евра...помислете и за цената за трудот на работниците во Скопје и Лондон. Кој е заклучокот - направен е современ грабеж, за кој конечно, некој ќе мора да оди во Идризово, а богами и да ги врати криминално потрошените или земените наши, граѓански пари. Да заклучам, кампањата за ново договорените предвремени парламентарни избори, Владата на чело со премиерот Груевски, безсрамно и безобразно веќе ја започна. Со промена на законските решенија за данокот на хонорарците, со повлекувањето на законот за високо образование, со преку ноќ променетиот став кон СОНК, со намалувањето на драконските казни што тие ги воведоа, правад обид да се додворат на граѓаните, а што е најсмешно, сето тоа така го филуваат, демек било дел од предизборните ветувања содржани во програмата на ВМРО -ДПМНЕ?! Ако имаме вистински институции, како некои што се колнат дека имаме, ако имаме ДИК, редно е тие да кажат - еј, доста е...а ако немаме такви институции, што е повеќе од очигледно, редно е гарантите на договорот од Пржино тоа да го сторат и не дипломатски, туку отворено и јасно, со говорот и интонацијата на г-дин Прибе, бидејќи само таквиот тон и таквиот јазик можат да го разберат. Тоа би бил првиот практичен чекор кон спроведување фер и демократски избори наредната година, во спротивно ризикот од продлабочување на политичката криза станува извесен.

Kommentare