top of page
СЛЕДИ

УСТАВ, ЗАКОНИ И ДОВЕРБА ОД ГРАЃАНИ?!

  • Восилав Зафировски
  • Aug 10, 2015
  • 3 min read

Вчера на сите ударни вести имавме можност да слушнеме една многу интересна изјава од премиерот Груевски. Имено, најнапред кажа дека за се што ќе се случува околу договорот од Пржино, особено околу изборот на специјалниот обвинител, виновна ќе биде опозицијата, бидејќи тие како партија - ВМРО - ДПМНЕ и тој како нејзин претседател се однесувале максимално конструктивно, а сега било ред и опозицијата да покаже таква конструктивна доблест. Веднаш потоа следуваше уште една негова изјава, дека тој и партијата што ја раководи единствено се раководат од Уставот, законите и добиената доверба од граѓаните?!

Ги слушам изјавите и се прашувам дали се слуша човеков...а ако се слуша, тогаш како може така дрско, безобѕирно и безобразно да ја лаже јавноста од една страна, а од друга страна себе си да се поистоветува со цела партија?! И во неа, во партијата има луѓе што размислуваат со сопствена глава, па се појави Амстердамска тројка, па слободоумни патриоти, добро, да нема недоразбирање, тие во демократска партиска процедура, додуша не по онаа долгата, туку во скратената процедура, беа исклучени од партијата и сега таа си е монолитна. Ајде по ред, ако не беше тој со фамилијата и тие што го опкружуваа во целиот овој период колку што е на власт, ако стварно ги почитуваа Уставот и законите на Република Македонија, тогаш немаше да западнеме во ваква тешка политичка криза, која за прв пат по пет последователни препораки на Европската комисија за започнување на пристапните преговори до денес, ја доведе во прашање самата препорака. Секој што ја чита оваа колумна ќе се запраша каде и како е кршен Уставот и законите, само како потсетување, Уставот и законите, се кршени во оној дел во кој се дадени гаранции за корпусот човекови слободи и права, меѓу кои правото на приватност е едно од оние права што е на уставниот пиедестал. Во оваа смисла, не поминуваат приказните ниту со комбињата на странска служба, ниту со кртови инфилтрирани од опозицијата. Тоа се приказни за наивни, едноставно, уставна задача на тие што се на власт, без разлика кој се, е да ги обезбедат правата на граѓаните гарантирани со Уставот и законите. Тогаш кога ќе ве фатат дека властите институционално потфрлиле и тоа во период од повеќе години, во секоја нормална демократска земја тие ликови што се позиција засекогаш ја напуштаат политичката сцена. Вториот дел пак од изјавата дека се раководат од добиената доверба од граѓаните, после се што имавме можност да слушнеме од прислушкуваните разговори, после сите оние притисоци, тргање за уши, дискриминирање на цели етнички заедници, правејќи ги недоветни, послушни пиони и "собирање рекет" во законски рок, звучи толку нереално, невистинито, неискрено и расипано, што се поставува прашање, од каде е паднат овој човек. Не поминува прикаската за сечени лепени и монтирани разговори, да беа такви, ударната тупаница на партијата, троецот, како би рекла Каракамишева, во државнички стил (?!) Мијалков, Јанкуловска и Јанакиевски немаше да си заминат, ако не друго, барем не во еден ден. Така што, доста е од популистички изјави, доста е од потценување на граѓаните на Република Македонија, доста е со наводни комбиња и кртови, затоа што со тоа директно, господине премиер, признавате дека добар дел од слушнатите улично - кочијашки, чаламџиски и дискриминирачки разговори, во кои говорите вие и вашите најблиски луѓе од доверба, ниту се лепени, ниту се монтирани. Впрочем и вие, во вашето прво драматично обраќање по повод аферата, кажавте дека дел од снимениот материјал е вистинит, дел полувистинит, а дел сечен, лепен и монтиран. Смогнете храброст, како што имате дрскост да се криете зад излитените фрази кои везден ги слушаме на ку*тон вестите, кажете што од слушнатото е вистина и заминете си, бидејќи Македонија без вашиот "политички ангажман", верувајте, може да биде многу попристојно место за живеење. Простете, тука ќе завршам, морам да се напијам сода бикарбона, имам проблем со варењето...


 
 
 

Comments


  • Wix Facebook page
  • Wix Twitter page
  • Wix Google+ page
ПРЕТХОДНИ
Архива
Пребарување по таг
Следете не
  • Facebook Basic Square
  • Twitter Basic Square
  • Google+ Basic Square

Also Featured In

    Like what you read? Donate now and help me provide fresh news and analysis for my readers   

Donate with PayPal

© 2023 by "This Just In". Proudly created with Wix.com

  • Facebook Basic Square
  • Twitter Basic Square
  • Google+ Basic Square
bottom of page