Дали ќе не биде?
- Воислав Зафировски
- Sep 2, 2015
- 4 min read

Чувствувам неиздржлив притисок...не, не сум нервозен, но неможам да дојдам на себе, да се соземам, како сите функции да ми престанале...а единственото нешто што во моментов го сакам е да заспијам, да потонам во длабок сон, а дали би се разбудил од него и кога, тоа воопшто и не е битно, ама ако се разбудам би сакал тоа да биде или во некое друго далечно идно време или некаде во некоја друга, по можност скандинавска држава. Во принцип, јас сум човек што секогаш наоѓал сила и амбиција да се изборам за тоа што ќе си поставам пред себе за цел, но сега едноставно немам цел, немам желби, немам потреба од ништо и за ништо. На времето ќе излезев, ќе прошетав, ќе пуштев телевизија, но сега немам желба да излезам, каде и со кого би одел, на телевизија, вообичаено, некои лоши луѓе гњават со политика или се вртат турски серии, па каде тоа живееме и дали ова нашево може живот да се нарече? Се собрала работна група да договараат специјален јавен обвинител. Да, неопходен е затоа што овие актуелниве се без интегритет, поставени по партиски мерак, да обвинуваат и договараат казни на начин како што тајните партиски обвинители сакаат...секоја чест на исклучоците, но тие очигледно се длабоко во сенка. На човек да не му се верува, судијата во предистражната постапка, без да ги сослуша лицата кои се сомничат како нарачатели на следењето на комуникациите, за институционално засегање во сферата на приватноста, ги отфрла доказите - биле нелегално обезбедени?! На ова ли ќе се вадат тие што се сомничат...нешто слично како и со Македонска банка, делото се квалификува по друг став, не по вистинскиот за да се отфрли како застарено. Ако Груевски беше чист, самиот ќе инсистираше да се направи експертиза на снимениот материјал, а не со маневар на обвинителството да се амнестира дека делото и да било сторено, веќе е застарено. Класична турска серија, јаз'к на човек да му се смачи од вакви шизици кои без срам ја газат и понижуваат целокупната јавност, но пред се онаа стручната. Излезете на улица, таму незнаете од која страна да се пазите, што се може да ви се случи, а полиција никаде нема. Таа има поважна задача, наместо да се грижи за безбедноста на граѓаните, тие треба да ја полнат буџетската каса, а како, па секако на наједноставниот начин, без замерување со моќните фаци и синовите на кои за роденден тато и мама им купиле бесни автомобили, та затоа удри по локалната сиромаштија, која ни куче нема за што да ја касне. Пролетта бев во Радовиш, пазарен ден, пазарџии од сите села, паркинг простор околу пазарот, ни за лек и секој се снаоѓа на свој начин. Некаде околу 11 часот на пазарот се појавија неколку полицајци кои почнаа да казнуваат за паркирање на недозволени места и површини. Замислете казната е 40 евра. Колку ли вреќи млад кромид треба да продадат јадните пазарџии за да имаат да си ја платат казната?! Едно струкче кромид се продава по 10 денари и што ќе остане од пазарот за дома?! На пазар дошол со една вреќа млад кромид, а да ја плати казната сигурно ќе треба да ги дотресе и тие пари што ги имал со себе. Резил. До кога полициските службеници ќе се однесуваат како даночници, како јаничари кои треба да го соберат арачот за нешто што најмалку е полициска работа. Еден од полицајците кажа дека командирот им се има закането, ако не се врати секој барем со по пет - шест казни, тој ним ќе им закине од платата. Човек да се разочара од лекомислените детски креатури што ја водат оваа наша држава па многу често се прашувам дали воопшто ние имаме држава?! Се повеќе сум убеден дека државата по сите линии, по сите власти - законодавна, извршна и судска, ја водат луѓе без демократски капацитет, без интегритет и она основното, без човечка доблест. Многу бргу ќе дојде време кога ќе се постави прашањето дали имаме демократски и државотворен капацитет, дали воопшто можеме да изградиме институции што ќе бидат вистински сервис на граѓаните. За да бидеме држава, единственото нешто што би ни преостанало како опција или е целосно редефинирање на општествените вредности и ресетирање на партизираните институции во државата, што во извесна смисла на зборот би претставувала своевидна револуција или другата опција би била духовното робство - контролирани медиуми, партизирани институции, организирање местени тендери, корупција, трула партиска кадровска политика...целосна лоботомија. Ако јас се прашувам, сум за своевидна револуција, без разлика на цената, бидејќи во таков случај имаме шанси да добиеме држава која ќе биде пристојно место за живеење на генерациите што доаѓаат после нас. Треба да се сруши се што е труло и да се знае дека се почнува од почеток, со нови правила на игра, со јасно дефинирани вредности, а на пиедесталот да бидат стручноста, компетентноста, интегритетот и човечноста. На Република Македонија не и треба да ја водат "успешни ликови" и требаат добри луѓе, со многу човечност во својата содржина, по што и ќе се разликуваат од денес "успешните". Ако не го разбереме ова, и натаму капата ќе ни ја кројат некои како тие што ги слушавме како лоши луѓе, луѓе со кочијашко уличен и чаламџиски вокабулар, ситни души, злобни луѓе, но самобендисани и полни со многу злоба, со многу нечовештина. Првиот чекор кон таква своевидна револуција е гласноста. Ајде да проговориме, да ги именуваме работите со вистинското име, колку ќе бидеме погласни, толку побргу ќе се случат и промените. Да се има држава, особено ако се има предвид вкупниот влог од човечки животи за неа, е света работа на која секој поединец треба посветено и одважно да работи, а не да импровизира водејќи сметка за личните и интересите на фамилијата, ТВ серија што во живо ја гледаме од осамостојувањето до денес, без престанок! За жал главните улоги ги играат едни исти потпросечни но добро нафатирани актери. Сите останати, граѓаните на нашата татковина Република Македонија се само сиромашни статисти кои единствено за време на избори добиваат епизодна улога, па ги тргаат за уши, им ги заглавуваат лифтовите, ги казнуваат, им делат брашно, им плаќаат по илјадарка (изјава на една Ресенчанка за ТВ Телма)...и се така во круг.
Comments