top of page
СЛЕДИ

ДОСЛЕДНОСТ

  • Воисолав Зафировски
  • Sep 12, 2015
  • 2 min read

Неспорно е дека Република Македонија е во длабока политичка криза, исто како што не е спорен фактот дека нејзината разрешница не е ни на повидок.

Договорот од Пржино можеби ќе беше некаков вовед во разрешницата на кризата, но под претпоставка да постоеше политичка волја од сите потписници на договорот, која повеќе од очигледно отсуствува. Причините за тоа се различни, кај едните е присутен страв од правна разрешница на случајот прислушкување, кај другите постои објективен страв и негодување за злоупотребата на медиумите во предвреме започнатата изборна кампања на премиерот Груевски, додека другите две партии само навидум гледаат сеир. Дека е тоа така, најсликовито, најилустративно ни покажа евроолеснувачот во преговорите за имплементација на договорот од Пржино Питер Ван Хоутен, кој само од пристојност не излезе со детска сликовница да објасни што се бара од нашите највлијателни политички лидери, па тоа го стори со напишани листови, со болдирани реченици во фонт за кој не се потребни очила. И до кога ќе има потреба се некој од надвор да не држи за рака, водејќи не низ лавиринтите што нашите вешти политички лидери со исклучителен државнички и демократски капацитет ги прават?! Веројатно додека не им се смачи на тие што не држат за рака. Во Република Македонија има и претседател на државата. Не е битно тоа што тој легитимитетот го црпи од гласовите на граѓаните, на непосредни претседателски избори, тој се однесува како англиска кралица, нема надлежности, си го одмолчува и вториот мандат, а иницијативи, пораки во форма на разни притисоци и закани ќе ни стигнуваат од надвор, ќе ни покажуваат детски сликовници за тоа што треба нашите велеумни политички лидери да направат за државава да ни излезе од длабоката политичка криза, а претседателот на државата, доследен на себе, упорно гласно молчи. До кога господине претседателе, до кога ваша екселенцијо ќе молчите како кип?! Та белки имате барем малку совест и чувство за тоа што се нарекува државен интерес, за тоа што е јавен интерес, за стратешките определби на државата и граѓаните да станат дел од НАТО и дел од големето Европско семејство. Зарем не се срамите некој од надвор, без разлика кој е тој, малтене со детска сликовница да укажува кои се обврските на политичките лидери во земјата во која вие сте претседател?! Е, убави тие, додека ние како граѓани чувствуваме мачнина од понижувањето што ни е приредено на ваков начин да се потсетуваат тие што сме ги бирале да не водат на нивните преземени обврски, нив мува не ги лази, а на претседателот ни, дури ни тоа не му е доволно да го испровоцира за да проговори. Браво, тоа се вистински политичари, доследни до крај...до чив крај?!


 
 
 

Comentarios


  • Wix Facebook page
  • Wix Twitter page
  • Wix Google+ page
ПРЕТХОДНИ
Архива
Пребарување по таг
Следете не
  • Facebook Basic Square
  • Twitter Basic Square
  • Google+ Basic Square

Also Featured In

    Like what you read? Donate now and help me provide fresh news and analysis for my readers   

Donate with PayPal

© 2023 by "This Just In". Proudly created with Wix.com

  • Facebook Basic Square
  • Twitter Basic Square
  • Google+ Basic Square
bottom of page