ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО ПОДЕДНАКВО ЗА СИТЕ
- Воислав Зафировски
- Sep 17, 2015
- 3 min read

Катица Јанева, новиот специјален јавен обвинител Длабоко сум убеден дека целокупната јавност беше и повеќе од заинтересирана за изборот на специјален обвинител со задача да ги расчисти случаите пуч и следењето на електронските комуникации. Целокупната постапка околу преговарањето и изборот на овој специјален обвинител беше крајно нетранспарентен, а тоа што е најчудно, за неговиот избор се договараа двајцата лидери на најголемите политички партии кои се меѓу осумничените во двата предмета што треба да се сработат?! Јавноста очекуваше дека изборот ќе падне на име со авторитет, со интегритет, непристрасен, но и доволно стручно и компетентно да се носи со сите предизвици кои ќе стојат на патот на истражувањето и докажувањето на фактите, дали има или нема криминал. Изборот на Катица Јанева беше изненадување за сите, велат анонимус, непозната за бројната правна фела. Доаѓа од Гевгелија, а најголемиот и најсложен предмет што го работела беше оној со одземањето на старателството на детето на една бугарската државјанка. Имала завршено обука за борба против мафијата во Италија...тогаш логично се поставува прашањето зошто не е дел од обвинителството за борба против корупцијата и организираниот криминал, туку е обвинител во Гевгелија, провинциско обвинителство без некои сериозни и комплицирани кривични предмети. Ваквиот епилог од преговорите на осумничените во пуч и во следење на електронските комуникации, односно на лидерите на двете најголеми политички партии во земјава, колку и да е чуден, сепак до некаде е и логичен. Логичен е од аспект на заштита на сопствената кожа и сопствените позиции. Срамота е осомничените, како заинтересирани страни да си бираат обвинител со заеднички договор. Каде е фелата, каде е стручната јавност, или по навика, секое кадровско решение мора да помине низ политикантскиот филтер. Намерно велам политикански, бидејќи ако стануваше збор за политичари, тогаш немаше да сме во ваква политичка криза, а немаше ниту со сликовници да им се објаснуваат обврските што ги презеле со договорот од Пржино, ниту пак ќе имаше потреба од бај пасирање на правосудниот систем со специјален јавен обвинител. На европските претставници, доволно им е да се испочитува формата, да се запазат роковите и исполнат преземените обврски, што не е вообичаен пристап во земјите од каде тие доаѓаат. Така што сево ова мириса на онаа народната - и волкот сит и овците на број, како и на онаа другата народна - се тресеше гората, се роди глушец. Се молам на бога да грешам, меѓутоа и покрај законот за специјалниот обвинител кој е скроен по европски терк и не е до крај усогласен со нашиот Закон за кривичната постапка, специјалниот обвинител во ликот на Катица Јанева, се плашам дека ќе биде оставена на цедило, без неопходната поддршка и помош од институциите на државата, ќе биде опструирана на секој можен начин, ќе има притисоци, ќе има закани и безброј непристојни понуди и предлози. Самото прифаќање на оваа функција, претставува доброволно влегување во студена, во длабока вода со многу вртлози...или со еден збор, доброволно прифаќање да биде пуштена низ матна вода. Храбро, достојно за почит. Но, сепак би сакал да бидеме изненадени, Јанева да ја сруши скепсата, да успее во мисијата на која се нафати, нужно е да и се помогне, бидејќи за валканите работи да се исчистат, сите мораме да бидеме посветени и ангажирани, а не да чекаме некој со волшебно стапче се да разреши. Затоа, на Катица Јанева и посакувам многу успех и сето добро во извршувањето на новата функција, ја охрабрувам да се одважи и да смогне сила да ја искористи историската шанса, да формира квалитетен, стручен и компетентен тим, тим со интегритет, со човечност, морал и доволно одважност, за во име на граѓаните на Република Македонија да покаже што значи владеење на правото подеднакво за сите.
Comments