ГНОИВО ОД КОЕ РАСТЕ СЕТО ЗЛО
- Воислав Зафировски
- Sep 17, 2015
- 3 min read

Тоа што ни се случува на политичката сцена е навистина за рубриката верувале или не. Нема никаква предвидливост на настаните, таман на повидок ќе се појави некое решение што е логично, што по редот на нештата би било предвидливо да се промовира како такво, наеднаш изненадување, се промовира нешто што никој не го сметал за решение. Имено, за целиот период од потпишувањето на договорот во Пржино, имаше една група луѓе кои посветено работеа на предлагање законско решение за специјалниот обвинител, цело време ги објаснуваа причините за потребата од законско уредување на тоа прашање, укажуваа на ризиците и предизвиците со кои ќе се соочи специјалниот обвинител и неговите соработници, кои се бројни и објективни, дури со одреден број од тие лица биле направени и неформални консултации, за на крајот да се промовира сосема друго решение за специјален јавен обвинител. Логично беше да се очекува специјалниот јавен обвинител да се избере од редовите на оние што беа активно вклучени и експонирани во тие процеси, но што е тука е. Тоа што е најчудно во целиот тој процес е фактот што и двајцата политички лидери, кој повеќе, кој помалку се во својство на осомничени за двата предмети на кои ќе работи специјалниот обвинител - пуч и следење на електронските комуникации. Од тука, изненадува што двајцата осумничени во предметите, изразија задоволство од постигнатиот договор околу изборот на специјалниот обвинител...да не ви се верува. Од друга страна, голем број високи партиски активисти, кои никогаш за ништо јавно не проговориле, а јавноста ги знае како риби, зад кулисите на сите договарања и преговарања, се мошне гласни и даваат коментари и ставови со кои ги етикетираат луѓето што тоа што го мислат, јавно, гласно и без страв го кажуваат и објавуваат во медиумите. Боже, до кога државата ќе ни робува на кафанска кадровска политика, до кога безгласните риби од партиски послушници (говорам генерално, бидејќи во сите партии е иста состојбата и се служат со исти методи) во кулоарите ќе одлучуваат за капацитетот, стручноста, компетентноста, интегритетот, моралноста и човечноста на луѓе кои за нив се недостижна величина. До кога се некој од сенка ќе кажува за некоко, а тој самиот никогаш ништо сериозно, ништо крупно не сработил во животот, таквите ќе ги оценуваат квалитетите на тие што секогаш и за се имаат свој став, без да чекаат некој друг да им го шепне ставот. В'прочем, од секогаш било и ќе биде, дека полтроните и гмизавците се најголемото општествено гноиво од кое расте секое зло, од кое се изведуваат најдлабоките кризи и страдања. Да законот за лустрација престана да важи и сега најсреќни се тие партиските безгласни риби - кафански кадровици, кои анатемисуваат луѓе, им лепат етикети, а при тоа дури не ги познаваат тие за кои коментираат. Во Комерцијална банка на времето имаше двајца директори кои карактерно беа многу различни. Едниот беше познат по оговарањето, по сплеткарењето, додека другиот беше одговорен, совесен и многу мудар. Во една прилика, тој првиот тропна на врата кај другиов директор, се извини и побара мислење за некои негови комшии, бидејќи син му имал сериозна врска со девојка што живее во неговиот комшилук. Вториов директор кажа се најдобро за своите комшии, а за девојчето кажа дека е многу пристојна, примерна и ако би имал ќерка, би сакал да биде како неа. Заблагодарувајќи се на одговорот, првиот стана да си оди, но вториов директор, го сопре, прашувајќи го - ти ме праша за нив, јас ти кажав, но те молам кажи ми што јас да им кажам ако комшиите ме прашаат за тебе... Затоа, оваа колумна е прозивка до џганот, до оние подлизурковци што никогаш никаде ништо не кажале и ништо не направиле во животот за доброто на заедницата, за оние што го чинат општественото гноиво од кое расте сето зло и сета глупост. Во иднина, или тоа што го мислат гласно да го кажат или да престанат да се кријат зад партиските функции што ги добиле молчејќи и ползејќи. Доста е тие да даваат оценки за капацитетот, стручноста, компетентноста, интегритетот, моралноста и човечноста на луѓето чии ставови за се се јавни, јасни и недвосмислени, за луѓето што за нив се недостижна човечка величина.
Comments