top of page
СЛЕДИ

ГОСПОД БОГ ДА НИ Е НА ПОМОШ

  • Воислав Зафировски
  • Sep 18, 2015
  • 4 min read

Не стигнуваат реакциите по повод изборот на Катица Јанева за специјален јавен обвинител, мислењата се поделени, но кои се фактите?!

Ајде малку хронологија од поново време.


- Најнапред, со Извештајот на Прибе се постави дијагноза - етаблираниот правосуден систем во Република Македонија е нефункционален, тој не е во состојба да ги разреши двата сериозни случаи на сомневање за инволвираност на власта во криминал и корупција, со еден збор тој е во клиничка смрт; - За да може да се оживее постојниот систем, сите се согласија дека е неопходна "хируршка интервенција" во насока на бајпасирање на проблемот се додека не се создадат услови тој да може самостојно да функционира; - Се дефинира дека тој период во кој системот би можел да се поврати од клиничка смрт, е период од цели 8 години - два мандата по 4 години на специјален јавен обвинител што би имал мандат да ги сработи предметите пуч и нелегално следење на електронските комуникации; - Значи проблемот е самиот систем, а тој е сочинет од обвинители и судии од најниско до највисоко ниво, вклучително и со Јавното обвинителство за борба против корупцијата и организираниот криминал и Советот на јавни обвинители. Со други зборови, проблемот се постојните обвинители и судии, не дека меѓу нив нема стручни, компетентни, луѓе со човечки капацитет и интегритет, морални и посветени, но имајќи ја предвид утврдената дијагноза, тие таквите се маргинализирани; - Дојде ред да се избира експерт што ќе се именува за специјален јавен обвинител, од кој патем кажано, целокупната јавност има големи очекувања во разјаснувањето на предметите пуч и следењето на електронските комуникации; - Главниот збор околу изборот на специјалниот јавен обвинител го имаат двајцата протагонисти, лидерите на највлијателните политички партии, премиерот Груевски и лидерот на опозицијата Заев; - Груевски и Заев се меѓу осомничените за делата пуч и следење на електронските комуникации и тие треба да си го изберат обвинителот кој треба да ја спроведе истрагата и евентуално да покрене обвинение за сторено или сторени кривични дела од нивна страна (јас незнам таков пример, не во Европа, туку во светот, осомничените да се договараат кој обвинител да им ги води случаите) и сето тоа под менторство на меѓународниот фактор (?!); - Решението го наоѓаат во Обвинител од најниското обвинителско скалило, од основното јавно обвинителство од Гевгелија. Значи од персоналот на институција на која и е дијагностицирана клиничка смрт, институцијата која треба да се бајпасира; - Катица Јанева сега ќе избира тим од соработници, луѓе кој најверојатно ќе ги црпи од вишите обвинителства, од обвинителството за организиран криминал и корупција, со еден збор од обвинителите што по дифолд за неа биле и се неспорни авторитети, решенија што се дел од системот што клинички е мртов па се бајпасира и таа треба ним да им биде работодавец; - Осомничените во случајот пуч и следење на електронските комуникации не го криеја задоволството од изборот на специјалниот јавен обвинител, а таа најави дека за еден месец ќе го соопшти тимот на специјалното јавно обвинителство. Тоа се фактите. Некои не го кријат своето разочарување од ваквиот епилог од, како би рекол Ѓорѓи Спасов кој не е јасно за кого одработува, мировните преговори (?!), некои други пак, го поддржуваат изборот на Јаневска и со оптимизам коментираат, иако е анонимус, треба да и се даде шанса. Во ред, шансата ја има, така одлучија осомничените во случајот пуч и следење на електронските комуникации, но остануваат неколку прашања, чии одговори јавноста треба да ги добие.

1. Кога имате болесник со дијагноза според која за да преживее нужно мора да се направи бајпас, дали ќе го барате најдобриот лекар или ќе го ангажирате првиот што ќе ви наиде, некој што никогаш ниту асистирал на таква операција? 2. Дали лекарот што ќе треба да ја спроведе интервенцијата на бајпасирање, ќе го изберат тие што се под сомнение дека имаат сериозен удел во здравствената состојба на болесникот? 3. Како може да се очекува од некој што цел работен век бил во инфериорна позиција во однос на соработниците што ќе треба да ги избере, да им биде работодавец, да им биде шеф? 4. Дали знае господинот Спасов, дека на дебатната емисија Топ тема, на ТВ Телма, вдолж и попреку ја исплука Република Македонија, политичките елити ги смести во клупите од предучилишна возраст, а нас граѓаните не истретира како аморфна маса која треба секогаш да верува во добрата волја на менторите од надвор...чудно како не му текна да предложи, на наредните избори во Април, листите на кандидатите за пратеници да бидат сочинети од европејци и американци...нели тие го воделе проектот Македонија. За крај заклучок - Господ Бог да ни е на помош...не само нам, туку пред се на генерациите што ќе дојдат после нас, бидејќи нашево е видено, но што ќе им оставаме ним?! Најверојатно нешто што не може да се дефинира ниту како држава со здрави институции, ниту нешто како протекторат, ниту нешто како бана држава...можеби само банана, над која секогаш ќе виси стап во рацете на некој туѓинец, кој ќе им покажува сликовници на кои ќе стојат нивните обврски. За тоа ли беа "мировните преговори" господине Спасов, тоа ли го договорија лидерите, на тоа ли Вие полагате надеж?

Господ Бог да ни е на помош.


 
 
 

Kommentare


  • Wix Facebook page
  • Wix Twitter page
  • Wix Google+ page
ПРЕТХОДНИ
Архива
Пребарување по таг
Следете не
  • Facebook Basic Square
  • Twitter Basic Square
  • Google+ Basic Square

Also Featured In

    Like what you read? Donate now and help me provide fresh news and analysis for my readers   

Donate with PayPal

© 2023 by "This Just In". Proudly created with Wix.com

  • Facebook Basic Square
  • Twitter Basic Square
  • Google+ Basic Square
bottom of page