НОРМАТИВНО-ПРАВНА ХИЕРАРХИЈА
- Воислав Зафировски
- Sep 29, 2015
- 3 min read

Охридскиот рамковен договор ја одигра својата улога и ги постигна целите заради кои беше донесен. Најзначајното постигнување на Охридскиот рамковен договор беше отрезнувањето - дека нема и неможе да има воена разрешница на општествените проблеми; дека проблемите треба да се решаваат со дијалог и во рамките на демократските институции на државата и конечно, ја апострофира неопходноста од реформи на вкупниот општествен, политички и економски систем, не затоа што тоа некој друг од нас го бара, туку заради нас самите и перспективите на демократскиот развој на земјата.Охридскиот рамковен договор иако беше договор потпишан од претставниците на четирите најголеми политички партии од земјата, со посредство на меѓународниот фактор, во Собранието на Република Македонија беа донесени амандмани и тој стана дел од Уставот на земјата. Од тогаш, Охридскиот рамковен договор не постои, едноставно тој стана дел од Уставот на Република Македонија, така што ступидно звучат прашањата и коментарите колку и до каде е имплементиран Охридскиот договор. Таквите коментари некако како да го ставаат тој договор над Уставот на Република Македонија, а суштински, тој е дел од него.Ако има проблеми околу имплементацијата на Уставните одредби кои произлегуваат од тој договор, тогаш имаме проблем и сет нерешени прашања што се однесуваат на почитувањето на Уставот.
Секое нагласување и повикување на Охридскиот рамковен договор, неосновано го прави позначаен и од Уставот во нормативната правна хиерархија во Република Македонија.Токму од овие причини, апел до оние што се декларираат како политичари, да ја научат нормативната хиерархија во Република Македонија и кога дискутираат за нерешени или отворени прашања, да користат и соодветна терминологија, бидејќи вака како што стојат работите, произлегува дека Охридскиот рамковен договор е позначаен правен акт, а не инкорпориран дел од врховниот правен акт во секоја држава - нејзиниот Устав.Од тука, срамно е со олеснувачи или посредници од надвор да се води дебата за имплементацијата на Уставот на Република Македонија, што е основна задача пред се на законодавната и извршната власт. Тоа само по себе говори за демократскиот капацитет на институциите во државата, без разлика на причините заради кои Уставните одредби се или не се имплементирани во постконфликтните процеси во земјата.Исто така, секој разумен човек знае дека Уставот важи за сите подеднакво и тоа како интегрален правен акт, а тие што се повикуваат на делот од Уставот кој ги содржи одредбите од Охридскиот рамковен договор, тоа го прават на начин како Уставот да е дел од Договорот, а не обратно. А тоа што најмногу боде очи е присутната иконографија, без ниту еден симбол на државата од која се бара негово имплементирање. Некои или незнаат или забораваат дека во секоја организирана заедница постојат права кои произлегуваат од исполнетите обврски и споделените одговорности во заедницата.
Каде се тука институциите, зошто да се фрустрираат лојалните граѓани, не гледајќи ниту симбол ниту знаме на Република Македонија, се добива впечаток дека државата презела обврски кон друга држава, а не кон сопствените граѓани, без разлика на која етничка заедница припаѓаат.Во таа смисла, Уставот нужно мора да понуди шанса на секој граѓанин во државата, но под еднакви услови, каде што предноста ќе ја имаат стручните, компетентните и професионално посветените. Да, во Република Македонија е познат принципот на позитивна дискриминација, но тоа треба да биде исклучок, а не правило, особено не кога се во прашање работни места, позиции или функции за кои се бара висок степен на стручност, компетентност, интегритет, професионален однос и посветеност.Лично немам ништо против тоа претседател на државата, на Владата, на Собранието, ако сакате сите тројца да бидат припадници на која било етничка заедница во земјава, но се што ќе работат, да го чинат под знамето, симболите и интересите на сите граѓани на Република Македонија, а не да се кријат зад симболите на својот етникум и да ги фаворизираат интересите само на својата заедница.За крај, само уште нешто, станува збор за процеси, не за нешто што се решава со административни решенија. Тие процеси бараат правна рамка, бараат креирање општествена клима и амбиент, бараат стручност, компетентност, професионалност и посветеност како гаранција за успех и одржливост на тие процеси. Одговорноста за сето тоа, несомнено е во законодавната и извршната власт.
Доста е од четворките кои неможат да се усогласат по мноштво прашања од национален интерес и функционираат како рогови во вреќа, доста е се некој од надвор да ги држи за раце и на листови да им ги црта нивните обврски. Република Македонија е унитарна држава, со граѓански концепт на својот Устав, со закони кои ги даваат и гарантираат човековите слободи и права на секој нејзин граѓанин, но очигледна е институционалната неспособност соодветно да се споделат правата, обврските и одговорностите за демократскиот развој и почитување на правата честа и достоинството на сите етнички заедници во државата.Затоа не смее да се заборави на правната нормативна хиерархија, која е почетната буква во сферата на владеењето на правото подеднакво за сите.
Comments