КОИ ЛИКОВИ ЈА ВОДАТ МАКЕДОНИЈА И КАДЕ?
- Воислав Зафировски
- Oct 23, 2015
- 4 min read

Боже, Боже, кои се овие ликови што ја водат Македонската држава и уште позначајното - каде?!
Ајде со ред.
Се случија последните предвремени парламентарни избори, беа спроведени мирно и само навидум фер и демократски. Тоа што ние, македонската јавност, наблудувачите на ОБСЕ и оние што го следеа спроведувањето на изборниот процес не го видовме, имавме можност да го слушнеме од презентираните "бомбите" на Заев. Јавноста, особено онаа што партиски е неутрална, неможеше ни да претпостави што се се случува зад кулисите, каде што тешката партиска машинерија на ВМРО - ДПМНЕ, по налог на државното водство, врши невиден, непринципиелен и безобѕирен притисок врз одредени категории лица. Дискриминација и притисоци по многу линии, етничка, социјална, старосна...а тие, дискриминираните си молчат, молчат затоа што стравот дека може да останат и без она малку што го имаат била огромна и многу реална. Но, "бомбите" што ги слушнавме, фрлија друго светло на целиот изборен процес, ја покажаа другата, валкана димензија на тие што стоеја зад организирањето на изборната кампања и самите избори. Од слушнатото, заклучокот е единствен, тие што ја водат оваа држава се лоши, нечесни и нечовечни луѓе, без и малку грижа и почит кон слободата и правата на граѓаните кои се гарантирани со Уставот. Уставот дава гаранции за еднаквост на сите под исти услови, но тоа во нашава земја е само флоскула со која се лажеме себе си и оние во Брисел...нешто како пијано друштво во кафеана. Очигледен е курсот што го води велеалчното водство на државава, најнапред фамилијата и своите поданици, а од тоа што ќе остане, од големото ништо, за сите останати. Дека само личните, фамилијарни интереси се во преден план, може да се слушне од секоја од објавените "бомби". Ако не им беше валкан задникот, Груевски веднаш ќе кажеше што од слушнатото е вистина, што не; немаше да го инструментализира Јавниот обвинител и да го стави во позиција да му биде маша за вадење жар од оган; ако не од друго, од чалам немаше да ги повлече Законот за високото образование, Законот за хонорарците и немаше да направи отстапки кон СОНК; немаше ни потреба да ги мобилизира во здружение тие што сакаа да не ослободат (од вистината) - ГДОМ; немаше потреба да отстапува од договорените теми во Пржино и како услов за се да го стави донесувањето на Талат - Мукоскиот законик, со кој (во оваа фаза) ќе забрани да бидеме информирани, а подоцна веројатно и да мислиме со сопствена глава; немаше потреба најнапред оди да и пее, а потоа целосно да ја испогани личноста на избраната - специјален јавен обвинител; немаше потреба ниту од инструментализација на Советот на Јавни обвинители. Од исполнувањето на договорот од Пржино, јасно е ставено до знаење, зависат натамошните евро интеграции на Македонија. Наместо да се има предвид тоа и конструктивно да се пристапи во процесот на преговарање и договарање, се тргна во опструкции од секаков вид, се инструментализираат поединци, институции, и особено медиумите со партиската новинарска перјаница, триото кое заради ментална хигиена и не е препорачливо да се гледа. Се поставуваат услови кои се шизички, но и детски, наивно провидни и се со цел да се минира се што е договорено, обвинувајќи ја другата страна. Но тоа дефинитивно не е азимутот кон ЕУ, тој азимут води во спротивна насока и не оддалекува од неа, од нејзините стандарди и вредности, во кои, барем декларативно, сите се колнеме. Очигледно е дека државниот врв не лаже дека приоритетна стратешка цел им се евроатланските интеграции на земјата. Ако тоа беше вистина, зошто страв од реализацијата на договореното од Пржино. Прибе ја постави дијагнозата за сите болести на нашата држава, дијагноза која е застрашувачка и јасно кажува дека никој не сака во европското друштво таков болесник, инфициран од зарази кои го разоруваат демократското ткиво на заедницата, зарази кои граѓаните ги фрла на колена пред партизираните институции на државата, што е спротивно на практиките, на демократските стандарди и заедничките европски општествени вредности. Да, меѓународните посредници прават се, дури и сликовници им нацртаа, за да им кажат што значи даден збор, што значи одговорност и отчетност, но тие неможат да донесат одлуки наместо водството и институциите на оваа држава. Водството и институциите пресликани во извештајот од Прибе (криминал, корупција, нефункционални и партизирани институции, партизирано судство), како секој будала што неможе да разбере дека стварно е будала, овие упорно тврдат дека извештајот е во ред, ете направија и акциски план за излегување од тие состојби, арно ама никако да разберат дека тие - фамилијата се проблемот, тие се заразата, тие се лошото ткиво кое се шири како рак рана. Каде тргна Македонија, во која насока...кон Европа и НАТО, сигурно не. Со ваква дијагноза, поставена од Прибе, државното водство упорно не води кон амбисот, намерно велам државното водство, бидејќи не ми паѓа на памет нив да ги поистоветам со многуте чесни луѓе од ВМРО - ДПМНЕ. Немам слушнато некој друг вмровец, како шериф надвор од пропишаните меѓународни стандарди да влезе во авион со пиштол и да направи скандал на аеродромите во Скопје и Белград; немам слушнато друг вмровец со таква ступидна одбрана за братучедот, демек, тој бил доблесен што го признал настанот?! А што ќе беше ако не го признаеше скандалот, тогаш тој не се случил?! Вие господа, вас што имавме можност да ве слушниме, вие што ни ја кроите капата на сите, вие што ја урнисувата иднината на нашите деца, МАРШ во Идризово. Ќе мора други да дојдат во оваа земја, овој народ да го однесат во европското семејство, бидејќи таму ни е местото, таму припаѓаме, а каде сме сега...има една народна - ако тргниш по бумбар на лајно ќе те однесе. Е, тука сме, до таму стигнавме одејќи и слепо следејќи го пастирот со фамилијата, кој попат гради барокни споменици за себе и фамилијата, додека останатите мораат да размислуваат како да го врзат месецот од први до триесетипрви. Тоа се и такви се нашите лидери, граѓаните ги избраа, но граѓаните и немора да ги трпат.
Comments