ЧУДЕН Е ОВОЈ ДЕНЕШЕН СВЕТ
- Воислав Зафировски
- Nov 18, 2015
- 3 min read

Се случи Петок 13. Ноември, среде Париз беа изведени неколку терористички напади во кој животот го загубија 129 недолжни цивили. Навистина трагично, настан со кој сочувствува сиот слободарски и цивилизиран свет.
Меѓутоа, каде е тој ист слободарски и цивилизиран свет да сочувствува со жртвите на теророт што директно или индиректно го вршат големите сили низ светот. Која идиотска измислица е многу често слушаниот изговор - загинаа од пријателски оган?! Виетнам, Ирак, Авганистан, Тунис, Египет, Либија, Јемен, Судан, Нигерија...чии интереси беа штитени, на американскиот, на францускиот, на британскиот народ или на поединци, сопственици на компании. Тие таквите во минатиот век непосредно после втората светска војна, на овие простори се нарекуваа воени профитери?! Во тоа време тие беа судени за злоделата, а сега, тие таквите, користејќи го сопствениот капитал, поаѓајќи од сопствениот интерес и алчност, криејќи се зад наводните национални интереси (тие се кремот на нацијата), спротивно на Повелбата на ООН, спротивно на постојниот меѓународен правен поредок, или директно воено интервенираат додека не стават рака врз ресурсите на тие јадни земји, или им организираат паравоени терористички организации кои имаат за цел од внатре да ги разнишаат тие земји, што во крајна линија се сведува на истото, добиваат изговор за директно вклучување во насилното рушење на избраните власти во тие земји и ставање рака над расположливите ресурси. Зошто никогаш, ниту еден објект не бил осветлен во боите на земјите во кои од акти на терор на бројните терористички организации, загинале стотици деца, жени, старци, недолжни цивили, зарем нивните животи се помалку вредни од животите на загинатите во Париз или во Њујорк?! Што е и со човечката солидарност кон оние што без малку, секојдневно ги губат животите од пријателски оган, или за разлика од жртвите на теророт, овие се среќно загинати?! Зошто еднаш Европа и Америка отворено не признаат дека животите на јадните луѓе од Азија, Африка и Јужна Америка не се еквивалентни на животите на нивните граѓани...тоа се ексклузивните вредности на Европа и Америка.
Животите на нивните граѓани се специјални и повластени, а животите на сите останати се само статистички бројки, не животи на луѓе со човечка содржина, не луѓе со семејни судбини, не луѓе со статус на човек, на граѓанин. Токму затоа и се прашувам, зошто овој театар на траорност и трогнатост...како секој со секого да се натпреварува кој повеќе жали за жртвите во Париз?! Јас искрено жалам за нив, но не повеќе, туку подеднакво колку и за оние што настрадаа од теророт кои го спроведуваа бројните терористички организации, зад кои по правило секогаш стоел некој моќен светски полицаец. Ајде уште едно прашање, зарем не е тероризирање газењето по правото да се чувствувам и декларирам како Македонец, да говорам македонски јазик и да ја негувам културата и традициите на моите предци. Во правото, исто како и во животот, за се и во се има причинско последична поврзаност - каузалитет.
Значи, ништо не е случајно, се има своја причина, повод лесно се наоѓа, но последиците го претставуваат спиралниот ужас без крај, но за жал невините, обични граѓани се жртвите на тој ужас без крај. Решението не е санирањето на последиците, туку елиминирањето на причините што довеле до последиците, но елиминирање на вистинските причини, не на оние со кои се правдаат воените интервенции, бидејќи и легендите не учат, мотивираниот Давид го победил огромниот Голијат. Затоа прстот на глава, доста е глумење наивност, луѓето на земјинава топка сме исти, човековите слободи и права се цивилизациска придобивка, а животот на секој човек има или треба да има иста вредност.
Уште еднаш, многу искрено жалам за жртвите во Париз, но не повеќе од што жалам за сите оние недолжни граѓани кои животот го загубија во илјадниците акти на терор низ светот...но жалам и за нееднаквиот третман на жртвите на тероризмот и како човек се срамам што никој и со ништо не изразил сочувство со жртвите на безумниот терор низ Азија, Африка и Јужна Америка, особено за теророт кој го вршат светските полицајци. Ним се им се може, но велат дека стапот имал два краја.
Comments