РАКОВОДСТВОТО НА ВМРО-ДПМНЕ СЕ ПЛАШИ ОД ИЗБОРИТЕ !
- Воислав Зафировски
- Jan 19, 2016
- 4 min read

Опозицијата се плаши од избори...реченица која ја слушаме веќе цела година од владеачката позиција. Но, дали е така и кој ја доведе Македонија во оваа длабока политичка криза?! За да се даде одговор на ова прашање неопходно е да се имаат предвид фактите, а не манипулациите и изјавите кои по правило се вадат од контекст и им се дава сосема поинакво значење. Најнапред се случи она драматично обраќање на премиерот за тоа дека Заев му спремал пуч (?!), дека некоја странска служба одработила за него и со снимани разговори од кои (цитирам) дел се вистинити, дел полувистинити а дел сечени, лепени и монтирани лаги и клевети, бил уценуван да се повлече од власта. Следеа официјални снимки од ПИ мерки на јутјуб (веројатно јавното обвинителство знае како стигнале тие да се објават, што во правна држава е непомливо) со цел да се потврдат "фактите" на премиерот, па се формира ГДОМ, па митинзи и контрамитинзи на државна сметка, па собирање потписи за прогласување на Заев за велепредавник, се ангажира ударната агитпроп екипа од "независните медиуми", засилени со аналитичари од типот на Пандов и Каракамишева, небаре опозицијата крена револуција и на сила ќе ја зима власта. Јавноста во меѓувреме слушна дел од снимените разговори, за кои, патем кажано премиерот никогаш не ја информираше јавноста што од тоа е вистина, што е полувистина, а што од слушнатото е сечено, лепено и монтирано. Сепак бомбите фрлија сериозен сомнеж на легитимноста на последните парламентарни избори. Фактички, се виде дека изборите не биле ниту фер, ниту демократски, туку само технички, гледано од формален аспект - коректни. Повеќе пати во колумните имам нагласено дека суштинските причини за кризата во која се наоѓа Република Македонија, ги дијагностицира европратеникот д-р Рајнхард Прибе, во извештајот од работната група што тој ја предводеше. Само за потсетување, во Извештајот се дијагностицира институционална нефункционалност, нивна партизираност, неефикасно, партизирано и корумпирано судство и обвинителство, висок степен на корупција и организиран криминал... После ваквата дијагноза, тој што го раководел пациентот што фактички е во клиничка смрт, а пациентот во нашиов случај е државата, треба да биде нападен и никогаш повеќе да не му се дозволи таква позиција. Наместо тоа, нашето велеспособно водство, по два дена од објавувањето на извешајот (толку му требаше да се соземе од шокот), засука ракави да прави акциски план за надминување на состојбите што беа констатирани со извештајот на Прибе. За секој што има систем на логично размислување, тоа не значеше ништо друго, туку признание за вистинитоста на констатираната дијагноза. Следеше договорот од Пржино. Милион перипетии, меѓусебни обвинувања, навреди и лични дискредитации, небаре станува збор за собир на улична буљумента, а не за елитите на најголемите политички партии во земјата. Во Пржино и околу него разговараа како дијагностицираната состојба да е причина за кризата, а не последица од неа. Суштината на преговорите за излез во кризата е во создавањето на политички и правни претпоставки за спроведување на фер, слободни и демократски избори во Република Македонија, а не избори со поттурање гласачи со лажни лични карти од постоечки и непостоечки адреси, не со тргање за уши, не со уцени, закани и што уште не. Тој моментум би значел елиминирање на причината за создадената криза, а не избори по секоја цена на 24. Април. Сега се обвинува опозицијата дека бега од избори и дека таа е виновна за политичката криза. Дури, како што доликува на пастирот, во стилот и на неговото досегашно - контра работење, на фејсбук се појави страна - За избори на 24. Април...боже, боже, веројатно ќе следи и ТВ спот?! Во меѓувреме, Собранието експресно донесе одлука, додуша условена, за вонредни избори на 24. Април. Позицијата заборава дека клучот за кризата, или поконкретно кажано, причината за неа, се технички - формално коректно спроведените парламентарни избори, но суштински, спроведени со манипулации, ниту фер, а уште помалку демократски, со изборен список на кој има по педесетина жители на една адреса, список на кој се јавуваат лица кои одамна не се меѓу живите...а констатациите на Прибе се само последица. Сега, откако заради сопствената непринципиелност ја одолговлекоа целосната имплементација на договорот од Пржино, кога објективно нема временски простор за прочистување на избирачкиот список, позицијата наместо таа да инсистира на одлагање на изборите, таа инсистира на избори на 24. Април, играјќи на картата на сопствената итрина и проверените методи за притисок до сега. Зарем некому не му е јасно дека така, на брзина спроведени избори на 24. Април не значат ништо друго освен вовед во уште подлабока политичка криза на која никој не може да го предвиди крајниот исходот по државата?! Ако се сигурни во сопствениот рејтинг, во сопствената моќ, што им менува дали изборите ќе се спроведат во Април или во Друг термин?! Веројатно стравот е од слободната волја на граѓаните. Не, не прејудицирам ниту прогнозирам кој ќе победи на претстојните избори, но редно е која било политичка партија да победи, да понуди некои нови луѓе, кои за разлика од овие што ги слушавме на снимените разговори, ќе бидат со човечка содржина во нив. Затоа, на овој начин, јавно го кажувам мојот личен став, сум за избори, но тогаш кога ќе се создадат сите, не само политички туку и правни претпоставки за слободни, фер и демократски избори, а ако треба да го посочиме виновникот за кризата, тогаш тоа е премиерот со фамилијата, под чија диригентска палка државата се доведе до овој степен на општествена аномија. Дефинитивно, за доброто на граѓаните на Република Македонија, не за народот, добро е навреме сам да си замине од политичката сцена и да ја чека правната разврка за случаите на кои работи специјалното јавно обвинителство...тогаш Република Мекедонија ќе ја надмине политичката криза и само тогаш и така нејзините граѓани ќе победат, без разлика која партија ќе ја добие довербата од електоратот.
Komentarze