ПОЛИЦИЈАТА МОРА ДА СЕ ТРАНСФОРМИРА ВО СЕРВИС НА ГРАЃАНИТЕ И АЛАТКА ВО РАЦЕТЕ НА ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВ
- Воислав Зафировски
- Jan 27, 2016
- 5 min read

Денес има промоција на Стратегија за развој на полицијата 2016-2020 година.
Тоа што го поттикна моето внимание, беше даденото објаснување дека в'сушност станува збор за еден од клучните изработени документи од проектот „Понатамошна институционална надградба и градење на капацитетите на полицијата“, кој е финансиран од Европската Унија.
Навистина убаво звучи, но зошто никој не кажува збор за тоа што се случи со Стратегијата за реформи во полицијата, усвоена во Август 2003 година, а потоа дополнета со анекс во 2004 година, бидејќи логично би било таа ново промовирана институционална надградба и градење на капацитетите на полицијата да биде продолжение и надградба на основната Стратегија, за која ЕК даде огромни пари.
Тоа што јавноста не го знае, е фактот дека Стратегијата за реформи во полицијата, и покрај тврдењето на тогашниот премиер Груевски и министерката Јанкуловска дека реформата е завршена, заборавајќи дека процесите на промени се перманентни, а во интерес на вистината, таа в'сушност никогаш не се имплементира на начин како што тоа беше дефинирано во Стратегијата.
Причината за тоа беше присутниот отпор, присутен од првиот ден по усвојувањето на Стратегијата. Тоа што можеби најчудно звучи, отпорот доаѓаше од првите луѓе на МВР, кои раководеа со него од 2004 до денес (исклучок беше министерот Аврамовски) како и инертниот однос на мисијата на ЕК во Република Македонија на непрофесионалноста на францускиот експертски тим кој работеше на твининг проектот за реформи во полицијата до крајот на 2010 година. Единствените што беа вистински посветени на имплементацијата на Стратегијата беа германските експерти кои беа техничка помош за изработка на Стратегијата, а потоа беа и партнери во првиот твининг проект до крајот на 2007 година и секако тимот експерти од МВР кој беше задолжен за имплементација на овој документ.
Кои се клучните отстапувања од предвиденото во Стратегијата за реформи во полицијата?!
Стратегијата предвидуваше јасно разграничување на функциите на министерството на стратешки, оперативни и извршни.
Стратешкото равниште, требаше да го сочинуваат мали, стручни, компетентни, советодавни тимови кои ќе ги дефинираат краткорочните, среднорочните и долгорочните цели на полицијата, ќе работат на унапредување на методологијата на работа на полицијата, ќе дефинираат стандардни оперативни постапки за работа на полицијата, ќе ги пропишуваат стандардите за опремата, средствата и просториите за работа на полицијата, ќе вршат контрола и генерален надзор врз работата на полицијата, а при тоа ќе немаат наредбодавна функција врз оперативните служби, бидејќи таа функција ја има директорот на БЈБ, а само по исклучок, и со овластување од директорот, некој од стратешкото равниште.
Денес имаме состојба во која голем број од секторите во БЈБ имаат и оперативни функции, што се коси со основниот принцип за разграничување на функциите.
Најголемото и воедно најсериозното отстапување од Стратегијата е направено во оперативното равниште и пизиционираноста на оперативните служби.
Имено, оперативното равниште на полицијата го сочинуваат три рамноправни столбови - Подрачни полициски служби - Секторите за внатрешни работи, осум на број; Регионалните центри за гранични работи - четири на број и Централните полициски служби. Нивна задача е да ги операционализираат стратешките насоки добиени од Бирото за јана безбедност, да ги дефинираат приоритетите, поаѓајќи од спецификите на подрачјето, да вршат надзор и контрола на спроведувањето на мерките и активностите утврдени со плановите за работа на полицијата на тоа подрачје. При тоа, овие служби треба да располагаат со свој буџет и да одговараат за неговото користење, а исто така треба да имаат и своја самостојност во водењето на персоналната политика.
Станува збор за оперативни служби кои во хиерархијата се поставени на едно ниво.
Ако во принцип е познато што се работат секторите за внатршни работи и регионалните центри за гранични работи, на јавноста не и е позната улогата и функциите на Централните полициски служби. Во нивниот состав влегуваат такви оперативни структури, кои заради економичност, кадровски потешкотии, специфичност на опремата и техниката со кои се користат во извршувањето на нивните задачи, нема услови истите да се развиваат во СВР и во РЦГР. Станува збор за форензичките лаборатории, за специјалната единица, за Единицата за брзо распоредување, за Одделот за организиран криминал, хеликоптерската единица и сл.
Законот за полиција предвидува - доколку некој од СВР или РЦГР, со расположливите човечки и технички ресурси не е во состојба да разреши одреден безбедносен проблем на своето подрачје, преку началникот на ЦПС да побара помош од нив. Само по исклучок, директорот на БЈБ кога ќе оцени дека на некое подрачје безбедносната состојба не е под контрола, може да нареди употреба на некоја единица од ЦПС, но за тоа треба да го извести началникот на СВР или на РЦГР, на чие подрачје се спроведуваат активностите. Исто така, битно е да се знае дека единиците од ЦПС кога ќе излезат на терен, се под раководство на началникот на СВР или на РЦГР кој побарал нивно ангажирање.
За жал, до денес ниту Секторите, ниту Регионалните центри не располагаат со свој самостоен буџет, ниту пак со каква било слобода за персоналните решенија во своите единици. Наспрам нив, ЦПС функционира како полиција над полицијата, како алатка во рацете на директорот на БЈБ, кој по правило го користи централниот сервис кога сака и каде сака, без сериозна проценка на состојбите, без барање и знаење на началниците на чие подрачје истите се ангажирани. Во таа насока и персоналните решенија и финансиските потреби на другите два оперативни столбови се реализираат преку ЦПС. Со други зборови, ЦПС и нејзиниот началник неосновано се позиционирани над другите два оперативни столбови и наместо деконцентација на моќта на поединци, воспоставен е централизиран систем со акумулирана голема моќ, спротивно на словото на законот и без одговорност.
Исто така, клучна алка во реформскиот процес беше и бројот на полициски службеници што беше дефиниран на 6000 униформирани и 1200 неуниформирани или вкупна бројка од 7200 полициски службеници.
Се направи измена во Законот за внатрешни работи, со кои се овозможи полициските службеници да заминуваат во пензија со исполнети 40 години работен стаж. На овој начин, предвидувањата беа дека до 2015 година, со пензионирањето на скоро две илјади полициски службеници МВР ќе ја исполни обврската за намалување на бројот на 7200, но факт е, дека денес во МВР има поголем број полициски службеници од оној во 2010 година, кога стапија на сила измените на Законот за внатрешни работи.
Од тука се прашувам, за каква надградба станува збор?! Дали воопшто има потреба да се надградува нешто што наопаку е поставено?!
Токму од МВР беа и најголемите опструкции при изработката и на новиот ЗКП, затоа што не беше разбран духот на промените, дека полицијата мора да биде сервис на граѓаните и алатка во рацете на јавното обвинителство во борбата против криминалот и корупцијата.
Во МВР, постоеше Сектор за стратешко планирање и развој на полицијата, но тој сектор од 2011 година е укинат. Кому му пречеше тој Сектор, веројатно на оние што не можеа да ги остварат своите бирократски амбиции и од одделенија да се трансформираат во Сектори, па во Оддели и слично.
Европската Комисија ако сака во Република Македонија да има полиција организирана, обучена, опремена и подготвена да се справува со секакви ризици, согласно најдобрите практики и заеднички европски стандарди, нека ја афирмира Стратегијата за реформи на полицијата од 2004 година и да бара нејзино доследно имплементирање. Без тоа, каква било „Стратегија за развој на полицијата 2016-2020 ќе биде уште еден бунар без дно во кој ќе се фрлаат пари без цел и без визија, па колку и да станува збор за еден од клучните изработени документи од проектот „Понатамошна институционална надградба и градење на капацитетите на полицијата".
Comments