ЗОШТО СЕ КРШАТ КОПЈАТА ОКОЛУ МВР?!
- Воислав Зафировски
- Aug 10, 2016
- 3 min read

StartFragment Преговарачите на најголемите четири политички партии, со посредство на амбасадорите Бејли и Орав, конечно договорија како ќе ја извадат земјава од политичката криза, ако може така да се нарече, бидејќи тоа што се случуваше и се случува во Република Македонија, не е политичка, туку пред се правна, а потоа и институционална и морална криза, во која профитерите - заедно со нивните лидери кои се осомничени за криминал, наводно за доброто на државата договараат излез од состојбата која д-р Рајнхард Прибе најдобро ја отслика во извештајот за состојбите во земјава.
Факт е, дека тие што ја втурнале земјата во таква криза, немаат ниту кредибилитет да бараат решенија за излез од неа, ниту може граѓаните да веруваат во нивните добри намери. Дека тоа е така, говори клучното прашање околу кое се кршеа копјата во преговорите - не медиумите, не владеењето на правото, туку токму МВР. Тоа говори за безобразната партизација на институциите, инаку зошто работите би заглавиле кај МВР?! Што е тоа што е специфично за оваа до екстремна крајност партизирана институција. Најнапред, Министерството за внатрешни работи ги има базите на податоци за сите граѓани на Република Македонија, не зависно од тоа каде тие живеат или престојуваат. Натаму, и покрај тоа што скоро две децении согласно законот казнената евиденција требаше да се предаде на Министерството за правда, таа упорно, спротивно на законот се води во МВР. Министерството за внатрешни работи е најголемиот работодавец во Република Македонија и наместо бројот на вработените во него да се намалува, согласно договорените и преземени обврски од Брисел, тој број само за последните две години е зголемен за околу две илјади лица, не рачунајќи ги оние 600 кандидати за полицајци, за кои во текот на месец Јули е објавен конкурс. Многумина задкулисно коментираат дека за работно место во МВР се плаќа по 2000 евра, а снимките од проверките на физичката подготвеност на кандидатите се само фарса, само театар за јавноста. Јас незнам дали во ваквите кажувања има вистина или не, но факт е, од неколкуте посети на Центарот за обука, во кој некогаш работев, се среќаваат кандидати кои не ги исполнуваат ниту стандардите за висина, а за нивните физички предиспозиции, од оваа позиција, не можам да коментирам. Значи, најголемиот проблем во државата е МВР, така произлегува од т. н. преговори на претставниците на четирите релевантни политички партии. Технички министер (?!), кои овластувања ќе ги има тој (?!), кого може да разреши (?!)?! Дали нас граѓаните стварно не сметаат за недоветни или тие што преговараат се до толку будали што нам, на граѓаните не ни се верува, па се убедуваме самите себе дека тоа така треба да биде?! Од тоа што го знаеме, од тоа што е јасно како ден, министер за внатрешни работи е еден, единствен работодавач во институцијата и тој е одговорен за сите работи кои согласно законот се сметаат за внатрешни. Тој не е полицаец, тој е политичка фигура која ја сноси целокупната одговорност за уставното и законито спроведување на внатрешните работи. За да може да организира и законито да ги изврши своите функции и надлежности, неопходен му е тим од професионалци, не од листопадни партиски фигури, чија најодважна мисија била лепење плакати со ликот на вождот низ селските тараби и градските ѕидови. Затоа ступидно звучи и именувањето на тој човек, кој и да е, како технички министер, ступидно е лимитирањето на бројот на разрешувањата кои може да ги врши, исто колку што се ступидни изјавите на актуелниот министер Чавков, дека за време додека министер беше Спасовски, тој не презел и не спровел ниту една поширока оперативна акција...Чавков, жално е што не си научил и никогаш не си разбрал дека министерот на е полицаец, дека за спроведување на полициските работи е задолжено Бирото за јавна безбедност и неговиот директор, човек кој го именува владата по предлог на министерот. Тоа е тој што ја менаџира работата на полицијата, а оперативните акции во полицијата ги извршуваат оперативните служби, на кои согласно законот не им е потребен политички ишарет ниту од директорот, ниту од министерот.

Но, тоа очигледно никого не го интересира. Единствениот интерес на преговарачите е како да се стави рака на МВР и како да се искористат или попрецизно, злоупотребат ресурсите со кои тоа располага, впрочем, и екс министерот Јанкуловска во еден од разговорите кои имавме можност да ги слушнема како бомба од опозицијата, кажа дека целиот штаб на ВМРО си го преселиле во МВР. Имајќи го сево ова предвид, драги мои сограѓани, се повеќе мислам дека пак ќе имаме сомнителни избори, независно кога тие ќе се случат, дека уште долго, долго ќе бидеме далеку од владеењето на правото подеднакво за сите, дека уште долго, навистина долго ќе сонуваме за институции во функција на граѓаните, а не на партиите...со еден збор, од ден на ден сум се поголем оптимист дека - нема да не биде! EndFragment
コメント