ШТО СЕ КРИЕ ЗАД ФОРСИРАЊЕТО НА МВР ВО ОДНОС НА МО И АРМ!
- Воислав Зафировски
- Aug 10, 2016
- 5 min read

StartFragment Сведоци сме на една многу чудна ситуација, за која никој или барем некој гласно не прашал зошто е тоа така. Имено, веќе со години на назад буџетот на МО и АРМ сериозно се крати, а за сметка на тоа се зголемува буџетот на МВР и полицијата.
Ако се имаат предвид нашите стратешки определби и приоритети за полноправно членство во ЕУ и особено во НАТО, која е глобална воено политичка асоцијација; која има високи стандарди за обуката, вооружувањето и техничката опрема на армиите членки; ако се има предвид дека нашата земја е членка на Партнерството за мир и нашата армија партиципира во мировните мисии низ светот под покровителство на НАТО, од тука, не е логично со години на назад да се крати буџетот на МО и АРМ. Наспроти тој присутен тренд, буџетот на МВР и полицијата, постојано се зголемува и се билда; бројот на полициските службеници секојдневно се зголемува и е далеку над бројката од 7.200 која е договорена со Брисел уште во 2004 година; со измените на Законот за внатрешни работи, се предвиде предвремено пензионирање, со што во 2015 требаше да се постигне бројката и бројот на полициски службеници да се сведе на 7.200; МВР денес е најголемиот работодавец во Република Македонија и тоа што најмногу загрижува е што полицијата се повеќе се милитаризира и отстапува од нејзините стандардни задачи, одржување на ЈРМ, борба против криминалот, почитување и заштита на човековите слободи и права; нема ни полициско училиште, а системот на обука на курсот за полицајци, многу малку внимание посветува на теоретската и практичната едукација, особено што наставата и обуката ја реализираат лица без професорски сертификат. Дали некој до сега се прашал зошто е тоа така, зошто таа тенденција со последниот ребаланс на буџетот и натаму продолжува?! Одговорот лежи во лошите намери на власта, во желбата се да стави под контрола, да влее страв во секој што ќе помисли да не се согласува со ставот на велеумниот вожд и неговите велепослушни соработници. Најдобрата алатка во рацете на власодржците од владата за реализирање на таквите лоши намери е токму полицијата. Имено, армијата со Уставот и законите на Република Македонија само во исклучителни случаи може да биде ангажирана во извршување на одредени внатрешни работи (актуелен е случајот со контролата и обезбедувањето на јужната граница, од напливот на бегалци од Сирија, Ирак, Иран, Авганистан, Пакистан...). Објективните проценки се дека на Република Македонија не и се заканува опасност од надворешна агресија. Албанија, Бугарија и Грција се членки на НАТО, со Србија и Косово нема отворени спорни прашања (освен прашањето за црквата со СПЦ), завршена е демаркацијата на границата, така што објективна опасност за агресија од надвор нема. Тогаш, зошто владата да троши силни средства за институција како МО и АРМ, кога тие се само трошок, а дневно политичката корист од нив е минорна?! Но затоа е тука МВР и полицијата, до крајност партизирана, пркубројна, лошо организирана, милитаризирана, особено со јакнењето на капацитетите (кадровски, опрема, вооружување) на ЕБР на ЕСЗ и по правило, нивно користење како алатка од страна на директорот на Бирото за јавна безбедност, што во целост се коси со Законот за полиција. Наместо да имаме полиција со делегирани овластувања од директорот на Бирото за јана безбедност кон началниците на Секторите за внатрешни работи и Регионалните центри за гранични работи, ние денес имаме цврсто централизирана полициска служба, чија моќ и овластувања се во рацете на тие што не треба да ги имаат - министерот, директорот на БЈБ и началникот на Централниот полициски сервис. Ваквата поставеност на полицијата, нејзината предимензионираност, која несомнено асоцира на времето кога нашата држава беше Вардарска бановина во Кралството Југославија, ги открива нечесните намери на власта, преку полицијата да се влее страв меѓу граѓаните, чувство дека во се и за се се контролирани од властите, а честа да стапат во служба во полицијата, ќе имаат само оние што се послушни поданици на власта со силна препорака од месните комитети на партијата на власт.
Власта смета дека користа од инвестирањето во МВР и полицијата ќе им донесе ќар до гуша, но се лажат. Една од причините за настаните во 2001 година, а која не сакаме гласно да ја признаеме е токму нереформираната полиција, полицијата која живееше во плурално општество, а работеше по принципите и методологијата од времето на едноумието.
Токму затоа, процесот на реформи во полицијата нужно мора да се врати на почеток, а не да се моделира систем во кој Армијата и покрај стратешките приоритети за членство во НАТО, ќе биде декор, а полицијата најголем корисник на буџетски сретства, со кој ќе се кочат демократските процеси во општеството. Тоа што не го знаат или не можат да го разберат тие што ни ја водат државата е дека земјите членки на ЕУ и НАТО имаат стандарди за се, вклучително за полицијата и армијата. Имаат заеднички практики и стандарди за постапување и интервенирање на армијата и полицијата. Исполнувањето на тие стандарди е услов за полноправно членство во ЕУ и НАТО, не станува збор за нечиј хир, како што се тежнее да се прикажи, туку за обврски кои Република Македонија се обврзала да ги исполни, а не ги исполнила. Живееме во ново време, во време на независна и суверена Република Македонија, но аспирациите на власта, граѓаните да се држат во страв и да се инсистира на едноумие, се вистинските пречки и кочницата за побрз демократски развој на земјата, за побрзи евро-атлански интеграции. Затоа и оваа власт, исто како и онаа од Кралството Југославија никако не се откажува од услугите на полицијата и перманентно го јакне буџетот на МВР, ја билда бројката на полициски службеници и според актуелниот нивни број, небаре живееме во Вардарска бановина. Само за потсетување, во горе спомнатата општествена творба, на територијата на денешна Република Македонија, имаше најмногу полицајци по глава на жител од нивната целокупна територија, 1 полицаец на 250 жители. Сепак тоа беше време кога македонскиот народ не беше признат, беше обезправен и поробен. Денес не сме далеку од бројката на полициски службеници од тоа време, а според Уставот и законите на Република Македонија сме свои на свое. Очигледен е стравот на власта, но од кого тоа се плаши, зошто им треба необразована и силно милитаризирана полициска структура, во која разноразни дипломирани инжињети по земјоделие, спортски тренери и кадри од воената академија имаат приоритет при вработувањето во однос на дипломираните криминалисти и правници?! Дали вистинските демократски процеси ги плашат властите во Република Македонија, па решението го гледаат во креирање полициска држава или тоа е начин намерно да се кочат интегративните процеси на државата, не знам, но верувам дека е блиску времето кога таа цврста креатура на кула од карти, ќе се растури, но се плашам дека последиците ќе бидат многу сериозни, особено што Република Македонија нема стопанство кое може да го поддржи и издржи непродиктивниот буџетски товар. EndFragment
コメント