КАБАДАХИИ ОД НАЈЛОШ ВИД!
- Воислав Зафировски
- Sep 21, 2016
- 5 min read

Настан кој длабоко ме вознемири и ме испровоцира да го напишам овој текст е настанот од саботата. Настан на кој лично не бев присутен, но за жал, и да сум бил присутен, како граѓанин ништо не би можел да променам.
Во саботата четири колешки сите од Клинички центар, беа на свадба во објект лоциран по патот за Марков Манастир. Некоја минута после полноќ четирите колешки се качуваат во возилото и поаѓаат кон дома. Но, кратко по поаѓањето ги запира сообраќајна патрола. Одкако ги провериле документите, побарале четирите колешки да излезат од возилото, со коментар, ние вакви жртви чекаме.
Го разгледале возилото и наредиле на трите да влезат во него, додека на колешката која возела и рекле дека пиела и дека смрди на алкохол. Госпоѓата која го управувала возилото побарала да дува во дрегер, тврдејќи дека нема пиено, но не, полицискиот службеник продолжил со непристојниот однос, велејќи - ќе те казнам оти смрдиш на алкохол, немој да ми кажеш дека не си пиела на свадба. Во меѓувреме, зад веќе сопреното возило, препознавајќи за чие возило станува збор, се паркирало возило од кое излегол друг колега од клинички, со цел да види за што се работи. Полицискиот службеник дрско му се пуштил на новодојдениот, што сакаш ти бе, марш во колата и тебе ќе те казнам и ти си пиел. Ни крив ни должен, колегата си седнал во своето возило да ги чека полициските службеници за него да го исконтролираат.
Тогаш полицискиот службеник забележал дека на ветробранското стакло не е залепена налепницата за регистрирани возила и на госпоѓата која го управувала и рекол дека и за тоа ќе ја казни уште 50 евра. Не вредело тоа што налепницата била меѓу документите и објаснувањето дека при регистрација на возилото немало од налепниците, па дополнително пред неколку дена нејзиниот сопруг ја земал, но не ја залепил.
Тогаш тој ќе ти ја плати казната...а кој ти е сопруг, прашал полицискиот службеник. Кога го слушнал името, заменувајќи го со друг, рекол дека тој е добар, дека е одличен и супер одработува за партијата. Добро, ајде заради него нема да те казнам и ја допратил до возилото. При влегување, уште еднаш ги погледнал колешките, ја симнал капата и рекол, погледнете ме добро и запомнете ме, може да ви поминам на работа. За среќа на колешките кои повеќе од 20 минути чекале да се одлучи полицискиов службеник дали да ги казни или не, поминало возило кое не застанало на знакот од другиот му колега да застане. Двајцата со трчање влегле во полициското возило и се пуштиле во потера по него.
Така, покрај нив куртулил и колегата што чекал во возилото зад нив. Чинам дека овој настан беше капката што ја прели чашката, заради што го пишувам ова, а бидејќи во два случаи бев и очевидец на кабадахискиот однос на полициските службеници. Ќе ги опишам и нив.
Беше работен ден и тргнав пешки до трговскиот центар Зебра. Кога стигнав пред Рамстор во Капиштец, бев сведок на многу грда сцена. Возило Фијат уно, паркирано на тротоарот, две возила на пајак службата го блокирале сообраќајот во улицата, на едниот пајак веќе имаше качено возило, додека другиот ги местеше канџите на Уното. Тоа што како граѓанин силно ме вознемири беше расправијата меѓу сопственикот на Уното и полицискиот службеник. Сопственикот на Уното, младо момче на возраст од триесетина години го моли полицаецот да не го креваат возилото, ќе си ја платам казната за тоа што сум паркирал на тротоаров, но еве сум, возилото е се уште на тротоар, зошто го кревате возилото, застанав пред Рамстор, купив тоа што ми требаше и сега имам итна неодложна работа, морам да стигнам на време. Но одговорот од полицискиот службеник беше отсечен, не ме интересира, ќе си платиш и за пајакот за колата да не ја креваме или фаќај си такси, па кога ќе завршиш, ќе си дојдеш по колата! Господине, немам пари во мене ни за такси, платата ми е 15.000 денари, возилото е на тротоар, се уште не е подигнато ве молам имајте милост. Не ме интересира, се заврте кон луѓето од пајак службата и им нареди да го кренат возилото. Не, не помогнаа ни молбите и негодувањето од нас, насобраните граѓани, а не имаше десетина, колата беше крената и однесена.
Минатава сабота, во периодот од 11,30 до 12,30 часот, бев на кафе разговор со еден мој познаник во кафулето Венеција, на Бул. Партизанска, во комплексот на трговскиот центар Буњаковец. Прекрасен, сончев ден, пријатен разговор, убаво кафе. Не помина долго време, веднаш до кафулето, на улицата се паркираа три џипа и една Шкода, веројатно беше Октавија, на која под ретровизорското огледало на средина, висеше миризлив картон со знакот на сообраќајната полиција. Од возилата излегоа неколку фенси фаци за кои веднаш се направи место во кафулето. Грдото во сето тоа, беше фактот што сите возила беа паркирани на крајната десна сообраќајна лента од булеварот, а Октавијата ја газеше и жолтата линија што ја одвојува средната од десната сообраќајна лента. Веднаш до нив, на тротоарот и улицата беа паркирани уште две возила. Меѓу нас го прокоментиравме сообраќајниот безобразлук и некултура, но во тој момент забележавме четири пајак возила како ги собираат возилата што беа паркирани на другата страна од булеварот. Бев во исчекување што ќе се случи со возилата што го попречуваа сообраќајот на возилата, велосипедистите и пешаците од оваа страна на булеварот.
По кусо време се појавија две пајак возила со полициски службеник во едното кои поминаа покрај паркираните возила од страната на булеварот каде што седевме ние. И покрај тоа што почекаа да се приклучат на средната лента, пајак возилата само ги одминаа возилата кои очигледно го попречуваа сообраќајот на булеварот, едноставно поминаа и продолжија како да е се во најдобар ред. Кога заминував, возилата ги фотографирав со мојот мобилен телефон. Сите возила беа со скопски регистерски таблички, а можете да претпоставите, едниот џип со бројки 0001...другиот џип 001...дури и третиот џип со 0001, а Октавијата 062... Очигледна е сообраќајната дискриминација меѓу оние што се обични смртници и се казнуваат за се и сешто и оние за кои законите не важат.
Читам дека министерот Спасовски во Карпош на граѓаните ветил враќање на позорникарите. Жалам господине Спасовски, но тоа се празни ветувања, шарени панаѓурски лаги за сечии вкус убаво спакувани во предизборна обланда. За тоа да се случи потребна е целосна реорганизација на полицијата, но дури и технички тоа да се изведе во кус рок, треба години да поминат за да се промени менталната матрица на полициските службеници, да се елиминира нахалниот, кабадахиски, дискриминаторски, некултурен и дрзок однос на полициските службеници кои работат се, но не и полициска работа и се однесуваат како граѓаните да постојат за нив, а не обратно. Требаат години да поминат за полицијата да се ослободи од тие со фалсификувани дипломи, од оние со криминално досие, од оние што играат на шипки...
Господине министер, ако сакате да бидете запаметени како човек кој дал сериозен придонес кон менувањето на состојбите, започнете го процесот на реформи и најитно отворете полициско училиште во кое ќе се воспитуваат и едуцираат полициски службеници, не кабадахии, училиште во кое ќе работат професори, луѓе со сертификат за вршење професорска работа, луѓе со богато полициско и животно искуство, а не партиски послушници и извршители кои не умеат да напишат сложена реченица, а во комуникацијата со луѓето клучниот аргумент им е повишениот тон со кој се обраќаат и заканата дека ќе ве казнат или приведат.

Comments